Граѓани на Охрид организирани од „Совест“ бараат од институциите да реагираат во рамки на законските овластувања

Граѓаните на Охрид организирани во Здружението „Совест“ денеска повторно со соопштение се огласија пред јавноста, со барање упатено до институциите во државата да реагираат согласно легислативата и да спречат какво било самоволие кога станува збор за активностите околу реставрацијата на Али-пашината џамија во центарот на градот.

Тие ги повикаа Јавното обвинителство, Народниот правобранител и Државната комисија за спречување на корупцијата да дадат  свое толкување, а согласно законските норми и овластувања соодветно да реагираат.

- Како прилог кон успешно разрешување на целиот случај, за кој ние и понатака сме на мислење дека е спротивен на законите, ги упатуваме посочените институции да ја проверат постапката и носењето на Планот за интегрирана заштита на Старото градско јадро што го донесува Управниот одбор на Заводот и музеј од Охрид, а кој произлегува од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, стои меѓу другото во реакцијата од „Совест“.

Тие велат дека целта на нивното огласување не е да се обвинува, туку да се добијат одговори од надлежните институции зошто не се почитваат законите.

Како што беше истакнато во нивното прво појавување пред јавноста, граѓаните на Охрид организирани во здружението „Совест“ реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Алипашината џамија во Охридската чаршија, како и на градежните активности околу самиот објект, за кои тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции.

Тие тогаш се произнесоа дека немаат ништо против конзервирањето на џамијата како објект од посебна историска важност заштитен со закон, но оти се спротивстававуваат на менувањето на изгледот на објектот, неговата околина, како и планот за изградба на 32-метарско минаре во центарот на Охрид.

Уште тогаш тие своите забелешки ги адресираа до сите надлежни институции очекувајќи од нив да не ја префрлаат одговорноста меѓу себе туку веднаш да преземат соодветни мерки согласно законската регулатива за исправување на состојбите и стопирање на сите градежни активности за кои нема дозвола. 

Коментари

Популарно