Историјата се повторува: Македонија против Македонија!

Велат човек најдобро учи од сопствените грешки и речиси никогаш не ги повторува, барем не паметниот. Всушност една од дефинициите за ментално растројство е повторување на истата акција во исчекување на различен резултат во дадена ситуација. По оваа дефиниција, ние Македонците сме... ајде да не го кажам јас...

500 и кусур години Турко ропство, па балкански војни, поделба, СХС, Бугарско и конечно 45 години раат во СФРЈ. Но и тоа траеше колку што траеше Тито. Значи не беше наша заслуга, барем не на оние кои ја живеевме. Добар дел од народот кој денеска живее во Македонија или некаде по светот, но домот му е тука кај нас, го памти распадот. Поминавме речиси без жртви и без војна, но знаеме што следеше. И ние си ќутевме. Од 14 век до денеска Македонецот си ќути! Браво за Илинденци, Карпош и сличните исклучоци, но  и тие ја немале подршката. Народот секогаш чекал некој друг да се бори за него и ги критикува сите кои не му ја завршиле работата.

Во деведесетите пола Македонија остана на улица, затоа што неколку политичари решија да продадат и да затворат се за ситни пари. Македонецот си молчеше. Немаше да јаде, ама си молчеше. Се смени знаме, име, се простивме од малцинство кај соседите, ама ние си молчевме. 2001 година 200 смешно вооружени паравојници ни освоија територија и политичарите заедно со нив потпишаа „Рамковен договор“. Си го сменивме уставот, но „мудро“ си молчевме. 2004 година, територијална поделба на Македонија, по до тогаш (и од тогаш) невиден модел. Македонецот си молчи. Хашки случаи простени од политичката елита, народот тивок.

И види чудо, 2014 година, Заев има бомби и народ на улица! 2-3 години, револуција. Македонецот се разбуди. Пленуми, „шарени“, револуционери се борат против режимот, да донесат живот. Така ни велеа, ама не лажеле. Од друга страна ВМРО ДПМНЕ со својот народ на улица, па главниот муабет беше кој има повеќе „народ“, но пишав и тогаш, ќе повторам и сега. Тоа не е народот. Тоа се платеници кои ВМРО можеше тогаш да ги плати или уцени, а СДСМ дел со пари од странски невладини организации и дел со ветувања да ги мотивира да излезат на улица. „Шарените“ се сега функционери (жал ми е за оние 10тина % од нив кои навистина мислеа дека се борат во име на народот), па не ги интересира ниту договор со Бугарија, ниту закон за јазици (читај албански јазик), ниту црква, ниту обвиненија за ТЕРОРИЗАМ... нив им е топло во канцеларија. Се докопаа до платичка, па сега си цедат, си летаат со бизнис класа до Аргентина. Кој колку може. Од друга страна Груевски сега нема што да понуди, па вчера пред суд се собраа едвај 200 луѓе. За кучето во Дебар маало повеќе луѓе дојдоа. Каде ти е сега народот Никола?

26 години Македонија немала ниту половина од вистински лидер, политичар. 26 години се менуваат слични, ако не е и исти. Полнат сметки и ги снемува, а ние си молчиме. Продаваат што не е нивно и не убедуваат дека е за наше добро, а народот си молчи. И ќе разберев ако Македонецот не го интересира политика, но не е така. Ќе разберев ако на избори гласачките кутии остануваа празни, но на последните парламентарни избори дури 67% од гласачите излегле да им дадат подршка токму на тие политичари!? Тој момент не го разбирам! Ако знаете дека не чинат, ако знаете дека токму тие се виновни. Токму тие ви го украдоа правото на револт. Ако „сите се исти“, ЗОШТО ГИ ГЛАСАТЕ бе луѓе? За да има утре кој да ви биде крив? За да си седите дома и покажувате со прст кон Груевски и Заев? Бранко и Љубчо? Не е можно сите да имате лична корист. Не е можно сите да работите во администрација и ПР во Влада(мада ПР има многуууу). Зошто гласате? Не постои нешто како помало зло. Постои зло и добро! Кај нас втората опција (доброто) е на вековен одмор. Чека да се испразни една позиција, ама никако да дојде на ред, зошто вие упорно ги гласате едниве и другиве, т.е. истите!

И еве сме сега. Македонија си ја повторува историјата. Си гони Македонци за тероризам! Не зборувам тука на политичари или функционери како Чавков и сопартијците, туку за оперски пејач и актер. Голораките терористи кои влегоа во Собранието и пееја македонска химна. Во истото собрание каде неколку часа пред тоа пратеник од БЕСА ја пееше албанската, додека оние кои вие ги гласавте молчеа. Вељановски дури го мрзеше и микрофонот да му го исклучи. Обвинети за ТЕРОРИЗАМ актер и оперски пејач кои влегоа во собранието затоа што нелегитмно и вон сите закони, деловник и устав беше избран за претседател поранешен дезертер од војска и терорист! Човек кој пукал против безбедносните сили на Македонија! Но, него никој не го гони. Ќе ги гониме актерот и пејачот. ТЕРОРИСТИТЕ!  Македонија против Македонија! Пред наши очи и ние пак си молчиме. Чекаме битката да заврши и... и да ги собираме остатоците, ако ги има. Што ќе остави аскерот, тоа ќе јадеме. Ако ни се смилува српскиот Цар, бугарскиот окупатор, нашиве политичари... Сега барем има избори, па на следните пак ќе ги гласаме! Озбилно? Сериозно, тоа е стратегијата? Да ве потсетам: Всушност една од дефинициите за ментално растројство е повторување на истата акција во исчекување на различен резултат во дадена ситуација.

И сосем за крај. Колку и да се чувствувате беспомошни или ве зафатила апатија, запомнете, на крајот сите носиме своја одгворност за ова што се случува. Секој од нас, ама баш секој, ќе одговара пред следните генерации. Не само политичарите, тие прават само она што ние им дозволуваме. Ни повеќе, ни помалку. Секој сам одлучува за себе и за своите постапки сноси одговорност. Размислете добро што ќе ви донесе молкот и апатијата. Размислете дали баш мора да изберете од понуденото на следните избори, и што ако кутиите останат празни. Изборот и одговорноста се само ваши, па дури и ако “сите така прават“ или „ако никој ништо не прави“.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно