(ВИДЕО) Скандал „Македонија“: Кривична за Мими Ѓоргоска-Илиевска, ги пречекорила овластувањата, државата е оштетена со 68.000.000 денари

За кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, заработи кривична пријава од Управата за финансиска полиција. Пријавата е поднесена во консултација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое констатирало дека во периодот од 26.10.2016 до 18.9.2017 година Илиевска со пречекорување на своето службено овластување склучила анекс-договор, со кој извршила промена на условите на основниот договор за финансирање на проектот – играната серија „Македонија“, во вредност од 283.000.000 денари, при што го намалила бројот на епизоди од 130 на 80, без притоа да изврши намалување на цената. Со тоа ја зголемила вредноста на проектот 62 отсто, односно 109.000.000 денари во корист на Винко Грубишиќ, продуцент на „Јадран филм“ и државјанин на Хрватска.

Ова беше објавено на денешната прес-конференција во Управата за финансиска полиција, која подолго време го истражува скандалозниот проект кој од државата можеше да одлее 4,2 милиони евра. Директорот на Управата за финансиска полиција рече дека во соработка со хрватските колеги се расчистува и одливот на парите во фирмите во Хрватска, каде што завршиле најголем дел од средствата, за каква намена се користени и со каква дејност овие фирми се занимаваат. Досега е констатирано дека 3 од фирмите каде што се префрлени парите се во стечајна постапка.

Спротивно од член 4, став 1 и став 5 од основниот договор, со кој е предвидена динамиката на исплата да се врши до најмногу 20 отсто од паричните средства за развој и подготовка на производство на проектот за играната серија „Македонија“, Илиевска склучила анекс-договор и доделила парични средства во износ од 80 отсто од вкупниот износ од 85.000.000 денари за првата сезона и донела решение и исплатила 68.000.000 денари. Притоа таа не вршела континуирана контрола, надзор на наменското трошење на исплатените средства и не водела сметка за динамиката на исполнување на обврските, односно снимањето на серијата, без осигурување на исплатените средства, со што им овозможила на Грубишиќ и на „Јадран филм“ да се стекнат со противправна имотна корист на штета на буџетот за износ од 68.000.000 денари.

Што се однесува до „Јадран филм“, спротивно на член 37 од Законот за филмската дејност, иако имале обврска 65 отсто од доделените средства наменски да ги потрошат во Македонија, во три наврати извршиле откуп на девизни средства за износ од 34.428.357 денари и ги префрлиле на фирми во Хрватска и САД, како и на сметката на „Јадран филм“, „Продакшн сервис“ ДОО Загреб, кој е оновач на „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје.

Со избегнување на следењето и трошењето на паричните средства и обезбедувањето услови за транспарентност и пристапност на парични средства доделени на „Јадран филм“, Грубишиќ без никаков надзор од Илиевска од наменската банкарска сметка 7085605-7191000010 на „Јадран филм“ – Скопје, депонент на Шпаркасе банка од Скопје, во повеќе наврати во неколку правни субјекти во странство префрлил износ од 34.428.357 денари, што претставува повеќе од 50 отсто од вкупно примените парични средства наменети за финансирање на проектот, што е спротивно на член 37 од Законот за филмот.

Конечно, во согласност со анекс-договорот 08-62/13 од 14.6.2017 година, поранешната директорка Илиевска му овозможила продолжување на рокот за завршување на првата сезона заклучно со 4.9.2017 година, меѓутоа и по истекот на овој рок, нема исполнување на обврските, образложува Управата за финансиско работење.

Коментари

Популарно