Судењето за „Тотал“ одложено, Латас побара рочиштата да се снимаат

По барање на адвокатката на новинарот и уредник Драган Павловиќ – Латас, судот не дозволи снимателите во судницата да направат инсерти од денешното рочиште за случајот Тотал на СЈО, каде тој се товари за даночно затајување.

Судијката Софче Гаврилова Ефремова одлучи да им го одобри барањето, со што беше дозволено снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Исто така, Латас побара визуелно и аудио снимање на судскиот процес за случајот „Тотал“.

Тој, за адвокат на фирмите ја назначил неговата адвокатка Анита Бегова која рече дека сите биле спремни за судењето да почне уште од вторникот на минатото рочиште, но прво бараат судот да обезбеди услови за снимање на целиот судски процес.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа која може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима. Рече дека со оглед дека во големата судница веќе се закажани судски рочишта за обвиненијата на СЈО, судијката во 11 часот, откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажан случајот „Тотал“.

Коментари

Популарно