Џабе референдум: Грција и ВМРО ДПМНЕ ќе решат за промената на името на Македонија

По години негодување, Брисел конечно доби влада по мерак во Македонија, па во изминативе месеци го поздрави секој потег на истата, или во најлош случај и премолчуваше за потезите кои не смеат да бидат подржани. Освен оној „испад“ на Хан, кога јавно кажа дека Албанската платфора не е на агендата на ЕУ, Брисел постојано со пофалби кон Заев и заевистите. Ма тоа договор со Бугарија, ма фини односи со Албанија, ма љубов со Србија и конечно компромис со Грција. Позитивна енергија, а у, па влез во НАТО, па ЕУ... Сепак, до вчера, никој не откриваше како тоа ќе се реши спорот.  Конечно Гералд Кнаус, претседателот на Европската иницијатива за стабилност, во интервју за македонси медиум, ни ја откри тајната.

Накратко планот на Кнаус и на ЕИС е следниов: Нимиц предлага неколку имиња со географска одредница, македонската и грчката влада се согласуваат за едно, еве да речеме „Република Горна Македонија“. Ова име ние почнуваме да го користиме место ФИРОМ, додека во билатерлна комуникација и според устав сеуште сме Република Македонија. Со ова име влегуваме во НАТО и почнуваме преговори со ЕУ, но пред тоа мораме да смениме устав и во него да се напише дека доколку Македонија влезе во ЕУ, ова име (новото) ќе стане официјално и уставно име на државата! Сепак, за да не се занемари народот (демек), пред да влеземе во ЕУ ќе има референдум, но прашањето нема да да биде „Дали сакате да го промениме името на државата?“, туку „Дали сакате да влеземе во ЕУ со новото име (Р. Горна Македонија)?“. Кнаус уште додаде дека во овој план нема преговори за идентитетот, но не исклучи да ги има во понатамошниот дел од процесот.

Од приложениот план, очигледни се две не споменати работи:

1. Кнаус намерно или не намерно, не спомна дека за сето ова да се оствари, на Заев ќе му биде потребна подршка и од ВМРО ДПМНЕ. Македонскиот устав се менува само со двотретинско мнозинство (80 пратеника) во Собранието, а без ВМРО тоа е невозможно. Можеби, по откривањето на планов на ЕУ, обвиненијата за тероризам и оставкатана Груевски под притисок, не изгледаат така чудно. Не тврдам дека силно ВМРО со Груевски би застанеле против идејата за промена на името, но мислам дека моментот на одржувањето на референдумот би бил проблем.

2. Токму она што го спомнав погоре. Референдумот во тој дел од реализацијата на планот нема да има никаква тежина. Доколку референдумот се одржи на самиот крај пред влезот на Македонија во ЕУ, и прашањето на истиот не е „Дали да се смени името“, туку „Дали со ова име сакате во ЕУ“, резултатот е од сега познат. По 26 години агонија, народот во Македонија ќе гласа за подобар живот, за стандард, за иднина, за ЕУ...

Значи, за рализација на овој план клучни се Грција и ВМРО ДПМНЕ, бидејќи за премиерот Заев и другарите знаеме дека сево ова е потполно прифатливо („Влагај у НАТО!!! ОДМААА!!!“ – Нано Ружин). На двата „проблема“ веќе се работи. ВМРО ДПМНЕ е во полураспандата форма, а за јавноста во Грција, Македонија го потпиша договорот за добрососедство со Бугарија. Да, да, тој договор не е за нас или за Бугарите, туку за јавноста кај јужниот сосед. Токму затоа беше толку поздравуван од Европа и пренесуван во Атина. Идејата е да се престави нашата нова влада како добрососедска и спремна за компромиси. Дека се работи на омекнување на Грчкиот народ зборува и вчерашната изјава на Ципрас во која вели дека Македонија треба само да престане да  бара ексклузивно право на историјата на Александар Македонски и се ќе биде во ред! Секако, ние никогаш не сме тврделе дека само ние сме потомци на античките Македонци, туку токму Грција била таа што го павела тоа, но сега работите и во Грција се сменети, па и Ципрас е многу расположен за соработка. Ако се испегла јавното мислење во Грција, останува само пратениците на ВМРО ДПМНЕ да дигнат рака во собрание при вметнување на новото име на државава по влезот во ЕУ и готово! Се е завршено!

Планот е идеален и како што е најавено, треба да се започне со реализација најдоцна во Мај 2018 година. Проценките се дека до 2025 година, Македонија (тогаш како Северна, Горна, Нова...) ќе влезе во ЕУ. Токму тогаш ќе биде и референдумот, на кој народот ќе одлучи да си го смени името за влез во европското друштво.

Секако, меѓу вас кои го читате текстов, има луѓе на кои не им се допаѓа сево ова. Има од вас кои сега мислат деа ќе гласаат против на референдумот, па дури и такви кои навистина ќе го стават својот глас во одбрана на името со надеж дека народот ќе се одбрани од „надворешните напади“, но вистината е сосем друга. Референдумот ќе помине и тоа убедливо. Регуларно, без никакви местенки и полнења на кутии и за тоа нема да биде виновоен или заслужен некој од надвор, туку токму они кои 26 години ја водат Македонија. Не само Заев и Груевски, туку сите кои сега или некогаш биле на позиција да сменат нешто, но мислеле само на себе. 26 години се долго време. Речиси една третина од просечната должина на животниот век. Толку долго народот кој живее во оваа „речиси“ држава минува од транзиција до агонија... Од приватизација, преку војна во 2001 година, до Пржино. Од ТАТ, преку територијална поделба, до избор на нелегитимен претседател на Собрание. Од 40% невработеност, преку 15ти септември и ветување за 1 вработен во секоја фамилија, до неуставно СЈО.... Листата оди до недоглед. Судство што суди секогаш во корист на владејачката гарнитура, а еден обичен имотно правен спор се тегне по 20 години. Здравство во кое да ти е страв да ја однесеш жената да се породи, затоа што големи се шансите да си останеш вдовец. Образование што произведува неписмени, нестручни и разгалени дечиња. Полиција што интервенира само кога ќе и кажат. Ганстери по улици. Сиви области во Македонија во кои државата нема контрола (Кондово, Грчец....) За ова не ни се криви „тие од надвор“. Не е виновен ниту Нимиц, ниту Кнаус, Ципрас, Борисов, САД, Русија, Кина... НИКОЈ!!! Криви се оние кои глумеа патриоти и само ветуваа, и ние кои ги гласавме. По 26 години Македонија докажа дека сама нема капацитет да стане држава, па ќе мора Брисел да ни помогне. Ова официјално ќе го завери народот на референдум за 5-8 години од сега. Се друго е дневна политика.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно