Oд пратеник – генерален директор, од министер – пратеник

Од пратеник – генерален директор, од  министер – пратеник. Двајца функционери од власта денеска направија рокади со функциите, информира Телма.

Васко Ковачевски од СДСМ, го напушти пратеничкото место за позицијата генерален директор во РЕК Битола. Неговото место ќе го земе Самка Ибраимовски, кој се откажа од функцијата министер без ресор, за да стане пратеник. Но, дали е тоа чекор напред или чекор назад?

Ковачевски вели дека,  новата функција ќе му биде предизвик. Навести поголеми промени во владиниот состав.

Пратеникот Артан Груби, денеска кусо одговори дека преговорите за новите министри завршиле.

Досегашниот министер тврди дека рокадата не ја прави под притисок  да ослободи место за коалиционите партнери. Вели дека не му е важна функцијата. Ги остварил програмските цели за 2018 година и го зголемил буџетот на министерството за 10 милиони денари.

Ибраимовски не го откри името на неговиот наследник, за кој рече дека е правник по струка со долгогодишно искуство.

Се уште е неизвесно дали Алијанса за Албанците ќе го задржи министерското место во Здравство, се очекува да биде избран и заменик министер за образование, а и од БЕСА, би размислиле да и се приклучат на власта иако тврдат дека засега немаат таква понуда.

Оставките на Ковачевски и на Стево Пендаровски, кој замина на позицијата Национален координарот за НАТО, ќе бидат потврдени на утрешната собраниска седница.

На истата седница, свечена заклетва ќе дадат и нивните наследници, Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски.

Коментари

Популарно