Заев, Мицкоски, Иванов, Шилегов....уште надежта ни остана, но и таа е при крај

Од мојот последен текст до денеска се случија неколку, навидум големи промени на македонската политичка сцена. Конгресот на ВМРО ДПМНЕ и промената на лидерската позиција. Говорот на Претседателот Иванов во собранието. Гостувањето на Премиерот Зоран Заев на Телма. Мерките за почист воздух на локалната и централната власт... Се случија работиве, но ништо не се смени... Така е веќе 26 години...

Конгресот на најголемата опозициска партија во Македонија, ни донесе нов и речиси не познат лидер на ВМРО ДПМНЕ. Во отсуство на 133 од 500 делагати на конгресот, Христијан Мицкоски беше избран за претседаел на партијата. Во моменти кога на секого му е јасно дека на Македонија и е потребна силна опозиција, силно ВМРО ДПМНЕ, повеќе од 1/4 од делегатите покажаа колку единството цвета кај нив. За новиот лидер има многу малку податоци, па освен шпекулациите дека е човек на Груевски, никој и нема критика до него. Истото на времето се зборуваше и за Георгиевски – Груевски, но не испадна така. Можеби и овој пат шпекулациите ќе останат шпекулации и Мицковски ќе тргне по свој план да ја реорганизира партијата. Но, едно е јасно. Воопшто нема да му биде лесно, земајќи во предвид дека членството (изразено преку отсуството на делегатите) не е комплетно зад него. Ако на тоа се додаде дека тој беше единствениот кандидат за наследник на Груевски, јасно е дека сме далеку од моќна опозиција.

Претседателот Иванов се обрати пред пратениците во собранието и јавноста пред малите екрани и не кажа ништо ново. Истиот говор во различна верзија. Против реваншизам, за унитарност, против законот за јазиците, гаранции за зачувување на унитарниот карактер на мултиетничка Македонија итн итн... Не дека имам нешто против неговиот говор, но сум го слушнал премногу пати, а делата секогаш отсуствуваат. Јасно е дека функцијата Претседател во Македонија е лимитирана во своите ингеренции, што е нормално за парламентарна демократија, па затоа ме чудат овие говори на Иванов. Повторно ме враќа назад на моментите кога бараше писмена гаранција од Заев и СДСМ за да им додели мандат. Нормално, никогаш не кажа како може да ја употреби таа писмена гаранција, само затоа што не може. Не постои начин.

Од гостувањето на Премиерот Зоран Заев на Телма ми стана незгодно. Прво од уличниот „македонски“ на новинарот. Второ, од професионланоста на истиот. Ок, тој и во интервјуто си кажа која политичка опција ја преферира, но толку заљубено интервју не сум гледал ни во времето на Груевски. Фалеше само да клекне со прстен пред Заев... Кога ќе го тргнеме на страна про новинаров, од целото интервју повторно слушнавме само ветувања и критики кон ВМРО ДПМНЕ и ништо повеќе. Ах да, и фалење со пофалбите од меѓународната зедница за оствареното! Што тоа е остварено новинарчево не праша, пошо у љубов е чоекот. Не праша ни за дизелот. Ни за персоналниот данокот за земјоделците. Ни за покачувањето на данокот и ценовниот шок што ни следи. Ни за струјата... Ама затоа кажа (на прашање на Заев) дека се чувствува дека ЖИВОТОТ дошол! Ти доаѓа премиер на држава во студио и ти поставува тебе прашање и радосно изјавуваш дека животот дошол.... Груевски барем не поставуаше прашања, колку што памтам.

Петре организираше ден за идеи за мерки за почист воздух и најјаката е да ги замоли граѓаните да нема бадников оган! Човеков што две години по улица (со право) бараше чист воздух и (сега веќе очигледно) лажеше дека има решени само треба да стане градоначалник, врска нема што праи. За план не станува ни збор. Сите проекти од еколошки карактер кои сега ги промовира како свои се од програмата на Коце Трајановски! Освен, овој за бадниковиот оган, таа е на скопјани! Ама финтава не ја користи само тој, туку и лидерот на СДСМ. И Заев во студио во Телма, онака ноншалантно си кажа дека некои од ветувањата во предизборната кампања не биле реални, па сега по консултации со експерти ќе ги менувале. Секако новинарот на ова беше воодушевен, затоа што.... па....

И така народе... Еве и договорот со Бугарија влезе во собрание.

Член 11, точка 5 вели:

Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија.

Македонско малцинсво во Бугарија? Ма јок! Замислете како им на нив таму сега, кога по години и години малтретирање, конечно нивната татковина се откажа од нив!

По 26 години сфатив, не сме ние за држава. Џабе се мачиме. Уништивме генерации и генерации за... за НИШТО! 26 години некој од надвор ни е крив, а на власт постојано си гласаме едни исти фаци со различни имиња. Ајде можеби 2018 ќе биде подобра. Надежта последна умира, ама не сме далеку ни од тој момент.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно