Да го запомниме секој момент од 2018 година

На неколку часа од новата, 2018 година, повеќето од нас се тагнати во некој локал, со фоткти и видеа, весели фаци, среќни, и по малку пијани. Го славиме новиот почеток, надевајќи се на подобри 365 дена, со желби, а поретко и планови до нашата цел.

Психолозите велат дека минатото секогаш подобро изгледа од дистанца, па можеби по неколку години и 2017 ќе изгледа добро. Можеби тогаш ќе ги паметиме само успесите и позитивните моменти. Како општество ги немаме многу, но на индивидуален план се надевам ди имавте во изобилство. Се надевам ќе ги паметите и на нив ќе доградите среќа која ќе ви трае со години. Она заедничкото што засекогаш ќе остане запаметено од речиси завршената година е Вардар. Без разлика од кој град во државичкава сте. Без разлика дали сте фудбалски, ракометен, кошаркарски фан на Пелистер, Победа, Шкупи, Шкендија, МЗТ... она што Вардар го направи во 2017 година ќе се раскажува со децении. ФК Вардар го сруши моќниот Фенербахче и КОНЕЧНО го запиша македонскиот клубски фудбал во спортска Европа! На Градски се играше Лига на Европа, а црвено црните собираа искуство за следните сезони во кои очекувањата се на повисоко ниво. Сепак, и покрај огромнит успех на фудбалскиот колектив, нивните колеги од ракометниот македонски првак, го заслужија императивот НАЈДОБРИ. Всушност тие тоа се. НАЈДОБРИ во Македонија, НАЈДОБРИ во СЕХА и НАЈДОРБИ во Европа. Нема следен противник! Вардар е на врвот! Головите на Циндриќ и Чупиќ во полуфиналето со Барса и финалето со ПСЖ се таму некаде со тројката на Влатко Илиевски и голот на Чоко против Словенија. Ќе се вртат со генерации и ќе ги гледаат некои нови спортски фанови кои сега не се ни родени. Фала ви момци и газете до крај и оваа сезона, па што биде. И девојките во црвен ракометен дрес заиграа финале, но не успеаја да го повторат успехот на Кометал. Можеби во 2018 година.

2017 ќе биде запаметена и по настапот на младата фудбалска репрезентација на Европското првенство. Генерацијата на Барди, Бабунски, Велковски, Зајков, Демири, Муслију, Радевски... освен што го исфрли најскапиот тим до 21 година, па Французите европско си гледаа на Тв, по европското се преселија во сениорската репрезентација и со помош на посикусните ни ја подарија најуспешната репрезентативна сеозна од осамостојувањето. Во 2018 очекувам да бидат само подобри на конечно македонското знаме да се развее на следниот сениорски европски собир.  

Можеби некој од вас ќе оцени како позитивен и некој друг момент од 2017, можеби нешто заборавам... Негативни ми текнуваат многу, но нема да ги „овековечам“ во текстов. Можеби за некоја година ќе ги заборавам. Можеби и нема да влијаат на иднината. Можеби 2018 ќе ни донесе успеси како општество, како држава на сите полиња, па 2017 ќе замине во заборав. Искрено, иако надежта последна умира, не верувам во таков расплет. Токму затоа ви посакувам повеќе да се посветите на сопствената среќа и судбина. Во ситуација кога не можете многу да влијаете на тоа во кој правец се движи државата, посветете се на она што можете  да го подобрите.

Ви посакувам одлично здравје. Повеќе прошетки, спорт, здрава исхрана. Помалку или воопшто цигари. Помалку алкохол и само со позитивни луѓе.

Ви посакувам повеќе љубов. Каква и да е државата, кој и да е на власт, никој не може да ви забрани да се сакате. Баталете поделби и политика. Сакајте се бе луѓе! Онака вистински! Гушкај те се, чувајте се, пуштете и некоја солза... Љубовта никој, ниту може да ја забрани, ниту да ја одземе. Од вас зависи.

Ви поскаувам и професионален успех и секако негова наплата. Тука не зависи се од вас. Ситуацијата е каква што е, но не дозволувајте да ве обесхрабри. Не дозволувајте да паднете во или под просекот. Давајте го вашиот максимум. Трудете се! Направете го вашето, па што биде. Барем пред себе ќе бидете чисти. Нека вардарци ви бидат мотив. И нив им беше тешко, и таму други беа побогати, „подобри“, со тимови полни ѕвезди, но...

И за крај ви посакувам мир. Пред се со себе и пред себе, па со сите други. Ви посакувам 365 дена во совршено количество на баланс и позитивни неконтролирани изливи. Ви посакувам за 10 години да го памтите секој момент од 2018 година, затоа што лошите работи секако ги забораваме.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно