Вонреден надзор во депонијата Дрисла, не е утврдена радијација

Државниот инспекторат за животна средина денеска извршил вонреден инспекциски надзор на депонијата за комунален отпад Дрисла. Утврдено е дека се почитува решението за неработење на инцелераторот (специјална печка за согорување медицински отпад) во денови кога има надминување на прагот на алармирање. Од 1 јанаури 2018 година до денеска инцелераторот не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.

Ова на денешната средба со медиумите го соопшти заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Тој соопшти дека во тек е набавка на воден филтер за постоечкиот инцелератор, кој ќе биде инсталиран во следниот период.

Од менаџментот е добиена информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инцелератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април, а потоа во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа. Намената на инцелераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија. Се очекува пробната работа да почне во текот на јуни годинава.

Макрадули информира дека Дирекцијата за радијациска сигурност направила инспекциски надзор во Дрисла и додаде оти таму не е утврдена радијација. Тврди дека од 2013 до 2017 година во Македонија не е  влезен медицински отпад од странство.

Дрисла е единствената инсталација во Македонија која преку инцелераторот го третира медицинскиот отпад. Макрадули посочи дека со Министерството за здравство разговараат медицинскиот отпад да биде третиран во самите установи, односно онаму каде што се создава.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на средбата со медиумите рече  дека e добро депонијата Дрисла да се врати под надлежност на Град Скопје, да добијат податоци за работењето во изминатите седум-осум години и да се направи ново јавно-приватно партнерство, кое би било со примена на нови технологии.

Шилегов информираше дека Дрисла е капацитет на градот, кој согласно активниот договор 80 отсто е на италијанскиот партнер, а само 20 отсто на Град Скопје. Во правна смисла, како што рече, тоа сериозно ги ограничува можностите на Град Скопје да интервенира во работењето. Град Скопје има само еден член во управниот одбор на ова претпријатие. Оваа состојба е од 2011 година, кога е донесена одлуката за јавно-приватно партнерство.

Скопскиот градоначалник соопшти дека во изминатиот период имал состаноци со потенцијални кандидати кои сакаат да го менаџираат отпадот во Скопје, а се размислува и за фабрика за отпад.

Шилегов и Макрадули потенцираа дека проблемот со загадувањето е мултикомплексен и оти не може веднаш да се реши. Дрисла има влијание врз загадувањето, кое не е пресудно.

Владата му наложила на концесионерот „ФЦЛ Амбиенте“ на депонијата „Дрисла“ да набави нова печка за согорување на медицински отпад, откако се потврди дека емисиите кои ги испуштала веќе постоечката печка ги надминуваат дозволените граници.

Во меѓувреме Дрисла во најкус можен рок треба да набави воден филтер за постоечката печка, која не ги исполнувал еколошките стандарди.

Печката во Дрисла не работи од 1 јануари, а медицинскиот отпадот се складира, оти на сила беа мерките за справување со високата загаденост, но од утре тие се укинуваат што значи дека Дрисла ќе може да согорува отпад, но согласно прописите.

Град Скопје и Министерството за животна средина чекаат на одлуката на Вишиот управен суд околу тужбата за концесијата на Дрисла, со што ситуацијата со депонијата ќе стане појасна. Од Градот и од Министерството тврдат дека од 2013 до 2017 нема увезено медицински отпад од странство во Македонија.

Коментари

Популарно