Јавното обвинителство отвори постапка за „Дрисла“

Дали Дрисла сторила кривично дело - загадување на животната средина и природата ќе истражува јавното обвинителство. Од обвинителството денеска информираат дека по допрен глас отвориле постапка за загадување на животната средина и побарале од ресорното министерство податоци од сите досегашни извршени контроли врз депонијата.

„Во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител испрати барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање потребни податоци во врска со досегашна извршена контрола над работењето на депонијата ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО, како и доколку е извршена контрола дали е констатирано почитување на протоколите за согорување на медицински отпад од страна на депонијата и други информации“ , велат од Основно Јавно Обвинителство – Скопје

Отворањето на истрагата доаѓа откако Дрисла со месеци е во фокусот на јавноста, а инспекторите за животна средина минатиот месец ја казнија со парична казна поради тоа што емитувала штетни емисии во воздухот над дозволените граници.

Депонијата уште пред шест години требало да набави нова печка. Тогашната градска администрација за набавката издала и меница од 700 000 евра, но зошто печката не била набавена не се знае. Ова денеска на прес конференција го изјави градоначалникот Петре Шилегов.

„Индикативно е зошто тоа до сега не е направено имајќи во предвид дека градот се јавил како гарант за набавка  на печа во 2012 година  со меница во висина од 700.000 евра. Зошто тоа од 2012  до 2018 не е направено ќе видиме во други постапки најверојатно“, вели Петре Шилегов – Градночаланик на Град Скопје 

ТВ24 стапи во контакт со претходниот градоначалник Коце Трајановски, но тој не сакаше да коментира , само накусо одговори дека секогаш кога имало постапка за таа печка имало и одлука на советот на Град Скопје, и не упати прашањата да ги адресираме до директорот на Дрисла.

Од Дрисла пак денеска не добивме одговор дали во 2012-та добиле 700 000 евра за набавка на нова печка и доколку добиле зошто печката не е набавена и после шест години.

Печката за согорување на медицински отпад Македонија ја доби  како донација од британската влада пред 16 години и се уште се користи и покрај тоа што не ги исполнува безбедносните стандарди. По извршените инспекциски контроли, депонијата ќе набави нова печка која ќе треба да почне да функционира најдоцна до јули, а во меѓувреме е должна да постави нови филтри за намалување на емитувањето на отровни емисии кои го загадуваат воздухот.

Коментари

Популарно