Кире Лазаров: Одигравме машки со срце понесени од публиката

Македонската ракометна репрезентација за прв пат во историјата започна едно европско првенство со победа и тоа над бронзената од последното светско првенство, Словенија. 

Свое гледиште на тешко извојуваната победа даде нашиот лидер и капитен Кирил Лазаров, кој ги поздрави соиграчите, особено карактерот во вториот дел и завршницата.

„Честитки за сите, одигравме еден машки натпревар, а сега ни следува Црна Гора која исто така е сериозен противник. Знаеме која е целта на Црногорците, тие дојдоа на ова Европско првенство специјално да не победат. Скок беше навистина расположен во првиот дел, а ние немавме поддршка од нашите голмани во тој дел. Николче не врати во живот, веруваме во нашите голмани, кои се надевам дека во следниот меч ќе бидат уште подобри. Вакви натпревари секогаш се тешки, но ги добива срцето“, изјави капитенот.

- Уште на загревање кога истрчавме на паркетот ја почувствувавме поддршката од нашите верни навивачи кои поминаа голем пат да дојдат да не бодрат. Тие се клучниот фактор за нашата победа. Секако и ние на теренот имаме заслуга. Одигравме паметно кога се одлучуваше победникот. Ја задржавме топката до крај во последниот напад. Заслужено ги освоивме бодовите. Одиме малку да се одмориме и уште посилно против Црна Гора. Во никој случај не смееме да ги потцениме Црногорците, изјави Лазаров

Утре е слободен ден за нашите репрезентативци, а на 15 јануари со почеток од 20.30 часот го играме вториот натпревар на шампионатот против репрезентацијата на Црна Гора.

Коментари

Популарно