Кој е лидерот: Заев или Лазаров?

Само две недели во 2018 година, а многумина веќе ја прогласија годинава за кобна по нашата држава. Законот за јазици (читај албански јазик) веќе помина во собранието. Утре на ред е ратификација на договорот за добрососедство со бугарија, а се крчка и „решение“ на проблемот со Грција. Овој термин, „решение“ е омилен кај политичарите, иако во случајов решение подразбира менување на името. Секогаш кога Заев или Димитров или кој и да е, кажува дека преговара за решение на спорот, тој всушност кажува дека преговара да ни го смени името! Нема „решение“ на спорот без менување на името! Е сега, кој тоа им дал мандат за такво нешто, тоа не знам.

За законот за јазици (како дел од Албанската платформа) пишував толку многу пати. Пишував уште пред парламенарните избори, пред формирањето на владата на Заев и неколку пати по тоа. И не пишував само јас. Пишуваа многу професори, експерти, загрижени граѓани. Зборуваше дури и Груевски, но ете деновиве по неговото изгласување многу од оние кои гласаа за СДСМ се сега изненадени! Не очекувале! Секако, има и дел од нив кои го подржуваат законот. Добар бил. Тоа шо се коси со уставот, што е донесен ван процедура, што е потполно непрактичен и за истиот ќе се издвојуваат многу пари од буџетот секоја година, тоа не им пречи. Од нив ќе чуете и дека истото во 2008 година го изгласале и ВМРО ДПМНЕ, но нема да ви одговорат зошто ако веќе го има законов од 2008 пак се гласа, затоа што лажат. Како и да е, законот помина во собранието и ќе помине пак, ако Иванов стави вето. Истите оние кои гласаа на 11ти Јануари, ќе гласаат пак. Дали по наредба или свое убедвање, тоа не знам. Знам дека Павле Богоевски викаше дека е човек со интегритет и свој став, дека е независен и дека нема никогаш да биде мајмун со копче, ама ете и тој гласаше. Неговиот ФБ ѕид личи на училишна клупа полна графити, но од „шарениот“ нема ни глас. Замислете го чувството. 2-3 години сте/глумите револуционер на улица и по социјални мрежи. Секој ден сте активни и разговарате со мал милион луѓе. Станувате пратеник, прв ден на работа пешки со ранец и неколку месеци подоцна немате храброст да отворите ФБ или да одговорите на било кој од вашите френдови. ПАТЕТИКА! Единствена утеха, освен хонорарите на Павле, му е тоа што не е единствен. Сите негови колеги во собранието се како него. СИТЕ! Затоа изгласаа против уставен закон без ниту еден глас против. Ок, ВМРО ДПМНЕ не беа во салата, но беа кога се пееше албанската химна и... и така.

И за договорот со Бугарија, кој ете без некоја логика носи „добрососедство“ во насловот,  пишував барем 2-3 пати. Го споменав и во мојот последен текст, некаде пред недела дена. Напишав дека пред промената на името ќе помине во собрание и еве утре тоа ќе се случи. Павле и другарите сложно ќе си го изгласаат. Во брзо време ќе си формираме комисија која ќе преговара со Бугарите дали Гоце Делчев, Сандански, Карев... биле Македонци или Бугари. А знаете колку сме јаки во преговарање, посебно кога СДСМ е на власт! Дајте да не трошиме пари за комисии, нек изберат добрососедниве Бугари кого си сакаат и да им потпишеме. Еве ако треба и во собрание ќе изгласаме. Така Павле?

На 17ти Јануари Нимиц теба да донесе нов предлог, иако ништо ново нема да има. Предлозите за името се тие кои сите ги знаеме. „Северна“, „Горна“, „Нова“... исто е. За некого профатливи, за други не. Се е тоа во ред. Секоја наша влада преговарала со Грција за промена на името, па и оваа на Заев. Ок, овие се многу позалетани, па не трујат дека мора да се искористи позитивниот момент, за кој самите се потрудија со договорот за продажба на малцинството во Бугарија, т.е. добрососедскиот. Сега Македонија била отворена кон светот и имала подршка од меѓубнародната. Па ако поделиме и некој рудник тек и еве да речеме Струмица на Бугарија, тек тогаш ќе не прогласат за СОСЕДИ на годината во Европа и пошироко. Како и да е, позитивен момент или не. Маркетинг или реалност, владата на СДСМ и во рпограмата вети дека ќе преговара за промена на името. Тука нема ништо спорно. Лагата и кршењето на ветувањето е организирањето на референдумот. Дали и посебно кога. Иако, веќе јавно, разни подржувачи на ликот и делото на Заев, повикуваат референдум да нема, мислам дека СДСм нема да си го дозволи тоа. Целата игра и лага ќе биде кога ќе има референдум и како ќе гласи прашањето. Ветувањето пред избори беше дека референдум ќе има за ПРОМЕНА НА ИМЕТО, а не ДАЛИ САКМЕ ВО ЕУ И НАТО со некое име. Значи, референдумот МОРА да биде пред промената на името, не по тоа. Ама и ова е веќе договорено, и ќе се реализира. И пак дел од народот ќе биде многу изненаден!

И така, дел изненадени, само неколку задоволни, но никој ништо нема да преземе. Живееме во најзагадената држава во Европа, а денеска на протести едвај 50 луѓе. Ама и тоа е успех. Кога собранието го донесе законот за јазици, 15 луѓе дојдоа да протестираат. Другите на ФБ се чудеа и се закануваа со НАРОДОТ! Утре за ратификација на договорот со Бугарија ... понеделник е зафатени сме... тешко. 0! Нема кој а не поведе. Еве и ВМРО се распадна, нема лидер... Звучиме како овци во потрага по овчар и се чудиме зошто волкот не касапи.

И додека сивилото ја пие надежта и идентитетот, 16 Македонци на 800 километри од тука се прегрнаа и ја запеаја Македонската химна! Гордо од срце, со оган во очите. Следеа 60 минути борба до последен атом на сила. Борба што самото тело не може да ја издржи, ако срцето не чука два пати посилно, три пати побрзо! Борба за дресот, за државата, за народот! Борба за нас! Како што некои денска веќе напишаа, на овие Македонци веќе не им е потребна афирмација и нови договори од големи тимови. Тие тоа веќе го имаат. Имаат се што може да понуди една клубска кариера. Титули, пари, но и години. Сега треба да се штедат и да внимаваат да не се повредат, но.... Никој немаше да му замери на Лазаров ако се повлечеше од репрезентацијата на 35. Или ако Миркуловски одлучеше да не се врати. Ако Борко со 36 решеше да му се посвети на семејството и клубот. Ако Јоновски со 38 не се вратеше, откако еднаш беше избришан. Никој нема да префрли ако Столе каже дека не може повеќе по напорната сезона со Вардар на 33 години. Но.... Овие момци не се од тие што се откажуваат. Тие не се како нас. Вчера ја победија третата ракометна сила во светот, Словенија и не планираат да застанат. Тие имаат желба за олимпијада и љубов за татковината. Ние... нас ни е тешко да излеземе на протести, Нас треба некој да не викне и по можност да ни понуди сендвич. Ни треба некој да не разбуи и да ни објасни дека од нас зависи. Не од Заев, не од Димитров, ниту од 120 Павлиња во собранието. ОД НАС и само од НАС.

По победата над Словенија синоќа се почуствува различна атмосфера во Македонија. Да воздухот и понатуму беше загаден, но народот живна. Се насмеа, му се врати дел од самодовербата, од идентитетот. Можеби Лазаров и другарите се оние кои ќе не разбудат. Иако, не благодарно е да го зголемувам притисокот на нив, затоа што толку многу ни дале и досега, но момци медаља никад повеќе не ни требала! Само општонародна прослава на ваш голем успех може да го врати овој народ во моментиве. Лидери во политиката немаме и не треба таму да ги бараме. Ниту еден политичар никогаш не постигнал ништо во животот и нема да постигне. Но, момците кои со гордост ја пеат македоснката химна под македонскот знаме, момците кои цел свет ги знае како Македонци со огромни срциња, тиа се лидерите кои треба да ни дадат пример и да не разбудат од овој кошмар!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно