(ВИДЕО) Авганистан: Заврши опсадата на хотелот, заложниците бегаа со чаршави преку тераси

Авганистанските специјални сили го убија и последниот од тројцата напаѓачи кои вчера упаднаа во хотелот „Интерконтинентал“ во Кабул, со што завшија опсадата и заложничката драма.

За време на опсадата беа убиени пет заложници, а ранети беа шест лица, пренесе „Ројтерс“.

Групата напаѓачи со часови држеше заложници и им се спротиставуваше на силите за безбедност. Во првичните извештаи стоеше дека се работи за четворица напаѓачи, од кои двајца беа убиени синоќа.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан Наџиб Даниш рече дека бројот на жртви сепак бил помал отколку што првично се стравуваше, откако успешно беа евакуирани 153 луѓе, од кои 41 странец.

Дописникот на „Ројтерс“ од Кабул пренесе дека на дневна светлина се гледало како од хотелот излегува густ чад, а околу зградата биле распределени неколку оклопни возила на војската на САД опремени со тешка артилерија, како и единици на авганистанската полиција.

Нападот следеше само неколку дена откако Американската амбасада во Кабул излезе со предупредување за можни напади на хотели во градот. Засега никој нема преземено одговорност за нападот.

На снимките што се појавија на социјалните мрежи, направени додека траеше опсадата на хотелот, може да се видат заложници како се обидуваат да се спасат спуштајќи се со врзани чаршави по балконите на хотелот.

Коментари

Популарно