Законот за јазици во понеделник на ново гласање во собранието

Во понеделник, на 29-ти овој месец, Законот за јазици се враќа по вторпат пред пратениците . Претседателот на Собранието Талат Џафери  го ставил како прва точка на 32. седница. Тоа деловнички се вика всушност „трето читање на законот“.

На 17 јануари Претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека нема да го потпише Законот за употреба на јазиците, што пратениците го изгласаа со 69 гласа „за“. Иванов рече дека Законот е во спротивност со Уставот и го загрозува унитарниот карактер на државата.

По усвојувањето, Владата ќе го испрати законот до Венециската комисија. Во досегашната собраниска процедура, предлогот немаше ниту една промена. На денот на гласањето во Парламентот не присуствуваше опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО – ДПМНЕ вчера побара повлекување на Законот за јазици. Смета дека е неуставен и практично неприменлив. Од ова партија велат дека очекуваат разумен одговор од Владата и однесување кое е во согласност со интересите на државата и на сите нејзини граѓани. Сметаат дека е потребен е дијалог за сите отворени прашања, но пратениците не се враќаат во Собранието.

Од Владата реагираа дека Законот е во согласност со Уставот, дека е изгласан во демократска, парламентарна процедура и е во интерес на сите граѓани. Ја повикаа пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ да учествува во процедурата за повторното гласање на Законот, кое ќе се случи в понеделник ако има кворум и ако нема поднесено амандмани.

Засега, од парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ, не најавуваат амандмани. Тие не поднесоа амандмани ни при првото гласање (т.е. на „второто  читење“). Законски и деловнички на вратениот закон може да му се поднесуваат амандмани само во врска со забелешките на претседателот на Македонија, кој првиот пат одбил да го потпише указот за законот. Не се знае дали можноста за тоа ќе ја искористат пратениците – сопартијци на Иванов.

Ако пратениците повторно  со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници го усвојат  Законот за употреба на јазиците, шефот на државата е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

Коментари

Популарно