Не ми е жал за Кире Лазаров, за вас ми е жал!

На само еден ден пред крајот на Европското првенство во ракомет, кое се одржува во Хрватска, откако страстите кај нас смирија, решив да го споделам со вас мојот став за настапот на Македонија во Загреб и Вараждин.

Без дополнителен вовед:

Доброто

Загреб и првата група во која нашите ракометари остварија 2 победи и еден нерешен резултат. Водени од Раул Гонзалес, пред многубројната и пред се гласна македонска публика, момците во црвено жолта боја го подигнаа нивото на игра и добија менталитет на победници. Квалитетот и талентот, секогаш биле присутни во нашиот национален колектив. Борбеност не недостасувала, но фалеше дрскост и самодоверба во клучните моменти. Ел Команданте тоа им го даде на ракометарите, па во 3 тесни натпревари, кои се одлучуваа во последните секунди, само Германија се спаси.

Во доброто, мора да се споменат и игрите на Талевски и Кузмановски, кои повеќе не се само таленти, туку играчи од висока класа, иако зад нив имаат само по 21 лето. Секако и дебито на големите натпреварувања на Велковски и на уште помладиот Поповски. Ова се момци кои ќе имаат многу повеќе шанси да се докажуваат на некои следни големи турнири.

Несреќното

Повредата на капитенот Кире Лазаров. Дури најголемите екипи страдаат кога ќе им се повреди најдобриот играч. Репрезентации како Франција или Данска, не се исти ако во составот го немаат Карабатиќ, односно Хансен, иако во ростерот имаат многу повеќе избор на квалитет од нашиот селектор. Уште при самиот доскок на Кире, беше јасно дека првенсвото за нас е речиси завршено.

Лошото

По несреќното, следеше лошото, односно 3ти порази во последните три меча и место шанса за посакуваното полуфинале или битка за повисок пласман, Македонија остана на бодовите од првата група, кои ни донесоа 11то место. Не дека пласамнот е многу полош од оние на претходните ЕП, но ваков старт никогаш не сме имале. И не беа само победите, туку и играта ветуваше. Сепак, без Кире, па дури и со Раул на клупата, Македонија е многу предвидлива во нападот и го нема менталитетот на победник. Не дека само постариот Лазаров е победник, но без него, Миркуловски, Стоилов, Манасков, младите Талевски, Кузмановски, Велковски... на моменти ја губат самодовербата. Во моменти кога се крши мечот, нема кој да повлече, кој да биде дрзок, да викне, да мотивира... Тоа е работа на Кире, но овој пат тој не можеше да им помогне, иако седеше на клупата против Чешка. По мечот, ракометарите признаа дека добиениот меч замина за Чешка, затоа што се блокирале и застанале.

Иако не сакам да критикувм поединци, во лошиот дел од нашиот настап во Хрватска, морам да ја споменам формата и лошата одлука за својата кариера на Гоце Георгивски. Момчето што пред само неколку сезони беше во најдобрите десни крила во Европа, по својот ангажман во романското првенство назадува во својата игра. Гоце, не што не е, играчот што беше, уште помалку играчот што можеше да биде, туку веќе не ни потсетува на него. Реализација под 30% од реално добри позиции, многу промашени зицери, го натераа селекторот во игра да го внесе младиот Поповски. На ЕП првенство на кое Македонија се надеваше на ½ финале, тоа е голем удар за плановите. Не знам дали во моментиве Георгиевски има понуди од некој тим од посилна лига, но да сум на негово место, веднаш би ја напуштил Романија. На Македонија и треба стариот Гоце, ако не оној од француското првенство, барем оној од Металург.

Бедното

Кога Македонија освои 5то место на ЕП во Србија пред неколку години, ракометарите добија пречек во Скопје каков што до тој момент имале само кошаркарите. Дочек за кој зборуваше цела ракометна Европа. Но, и тогаш имаше ликови кои негодуваа. Нешто не им беше по мерак. „Па не освоија медал“, „не се шампиони“, „ајде доста само за ракомет се збори“ итн итн. Истото се случи и лани кога Вардар ја покори Европа. „Што им се радувате кога нема Македонци“. „Платеници на Самсоненко“... Камионот што пропадна во фонатаната на плоштад беше поинтересен за нив од прославата на титулата. Јасно ми е дека како и секаде и во Македонија има луѓе на кои животите им се толку мизерни, а самопочитта им зависи само од неуспехот на другите, па мораат да се обидат да го повлечат остатокот од светот со нив. Прв овој пат беше мојот омилен лик од СДСМ, Мухамед Зекири. Ликов оддамна ми е јасен. Човек полн со национализам и омрза кон се што е македонско, па ете и кон Кире Лазаров. Веројатно затоа што капитенот лани порача да го зачуваме нашиот идентитет и интегритет, да го зачуваме она што е наше и што ни припаѓа! Секако ова не му е прв ваков излив на Мухамед, а знам дека нема да му биде ни последен. Ограничен е малиот и секако предвидлив. Албанскиот Саше Политико. Она што е бедно, барем за мене, е што на статусот на Муки, кој подоцна го избриша, се налепија многу Македонци, па удрија по Кире. Човекот кој зад себе има 20 годишна приказна во репрезентацијата, светскиот ракометар кој се надева дека ќе игра ракомет за Македонија до 40тата, само за да ја оснесе својата репрезентација на Олимписки игри. Десниот бек кој е најдобриот стрелец во историјата на европските и светските првенства. Момчето од Свети Николе кое на светското во Хрватска пред 10тина години за време на напорното првенство изгуби 10 килограми од непоштедна борба.... Ете тој Македонец, на некого му беше крив затоа што се повредил! За прв пат во својата кариера во црвено жолтиот дрес Кире не беше во можност да помогне на теренот на своите другари и макеончињата решија дека тој од секогаш бил таков! Тоа се истите оние кои по секое промашување на Лазаров бараат тој да биде изваден, но истите кои се би дале да се Кире. Ете видовме колку Лазаров значи за Македонија, видовме и дека Кире е сериозно повреден и НЕ глумел, но и Кире ги виде нивните коментари упатени до него. За среќа, знае капитенот дека многу поголемиот дел од Македонците го носат во срце и секогаш биле и се на негова страна. Знае дека ги цениме сите негови напори и жртви што тој ги прави за знамето и грбот под кој игра. Знае и дека македончиња постојат и ќе постојат, а секој обид за дискусија со нив е залудно потрошено време. Кој се разбрал со Саше Политико или Муки, па Кире да се разбере со нивните истомисленици?

На крајот, знае Кире дека секој негов успех е радост за цела Македонија. Секој пораз може да го подели со нас. Заедно ќе плачеме, но и заедно ќе славиме, се надеваме и пласман на Олимпија на преполн плоштад.

На вас другите, Муки и компанија.... вас што ве радува? Кога последен пат сте биле среќни? Не, озбилно ве прашувам, вие за што плачете, а на што се смеете? Дајте луѓе да ви помогнеме, ако е можно, додека не е прекасно.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно