Го вклучив телефонот на снимање и влегов кај извршителката која ми ја блокираше сметката

Огромен стрес за “неплатена” сметка во висина од 3.900 денари и по истата сметка извршно решение во висина од 12.900 денари и “најнормално” пред било какво известување и информација, уште еден стрес, блокирана сметка.

Познавајќи ги многу добро луѓето кои свесно, монструозно го покрадоа до гола кожа овој народ последните години, тука не мислам само на извршителите туку и на сите други што покрадоа, знаејќи дека се претворија во вистински монструми, пред да влезам кај извршителот го ставив телефонот на снимање.

Се што ќе кажам подоле е снимено и може во секое време да се слушне и послужи како доказ.

На видната нервоза во мојот глас, бидејќи сметките секогаш ги плаќам на време, извршителката ми се обрати со многу љубезен тон дека нема ама баш никаква потреба да бидам нервозна и лута, дека тоа е завршена работа, треба да се смирам и да сфатам за што се работи, не барем сум ретардирана (очигледно мојата блокирана сметка за нејзе беше едно големо ништо). Се смирив колку можев и запрашав: има ли некаква промена во Законот за извршување, потоа реков дека сум правник и тврдам дека е потребна итна промена во Законот за извршување, дека во принцип срамота е од овој народ да се краде, (значи, не лично дека таа краде).

“За да ми олесни” извршителката рече да донесам потврда од работа за плата и одбитоци од плата, да не ми ја блокираат и следната плата. За 40 минути потврдата беше кај извршителката, но наместо неа се појави нејзиниот сопруг, (не знам во кое својство), кој рече дека е доцна и дека потврдата утре ке ја однесат во банка, но не е сигурен дали сметката ќе биде деблокирана (утредента требаше да земам плата). Реков дека требаше да ми кажат, а не да ме измалтретираат на овој начин.

Цело време телефонот снимаше се што разговаравме.

На мое инсистирање потоа се видов со извршителката, иако секретарката претходно реќе дека е излезена.

Ееее, тогаш за мене настапи вистинскиот пекол од понижувања, деградирање и на висок тон навреди од типот: се додека има луге, како мене, кои не си ги плакаат сметките ќе има извршители, дека јас не сум никаков правник, ништо не знам………. со еден збор без судење, без докази, без човечност , култура и воспитување, како ПРЕКИ СУД (и многу јак правник) ми пресуди во моментот дека јас сум виновна и озгора дека сум никој и ништо.

Ова ме потсети на сите долги 12 години од диктатурата кога работев на легализации на дивоградби и градежно земјиште, ефективни 8 часа на работа и дома уште 5-6 часа, а мојата раководителка и градоначалникот, секогаш коментираа дека не е доволно, навредуваа, понижуваа и дискриминираа, иако беше сосема јасно и очигледно кој колку и како работи.

Но, да се вратам на извршителката.

На прашање зошто ме навредува одговори, дека е навредена од мојата изјава како секој го краде овој народ (значи, внимавајте, никогаш не реков дека таа лично го краде народот), по што само рече дека повеќе нема со мене да разговара , се заврти и излезе.

Со блокирана сметка, понижена, навредена, преморена, отидов дома и ја најдов сметката платена уште во 2013 година. Повторно отидов кај извршителката, секретарката одвај ја зема сметката, ја фотокопира, ја однесе кај извршителката која, иако инсистирав, воопшто не се појави, а не пак на пример што е најнормално, да се извини. Потоа отидов кај нотарот, каде ми објаснија дека треба да одам во стара “Топлификација”, тие да дадат налог да се запре извршувањето и парите да ми се вратат на сметка.

Во “Топлификација” веднаш ја најдоа грешката направена во пошта каде службеничката погрешно го запишала мојот кориснички број и парите отишле кај некој друг корисник на “Топлификација”.

После два дена парите беа вратени на моја сметка, но за 1.500 денари помалку, банката ми задржа провизија за “УСЛУГАТА” во која БЕЗ НИКАКВА МОЈА ВИНА бев оштетена, навредена, омаловажена и за која во секоја нормална држава со нормални извршители, а не алчни ненаситни, искомплексирани и полни со сиротински пари, недефинирани, голем број од нив вмроовски, фашистички карактери, после донесен доказ за платена сметка ќе се извинат за неоснованите навреди, ако ништо друго како луѓе, а да не зборуваме како извршители кои се поставени заради граѓаните и кои токму од тие граѓани заработуваат енормно многу во однос на стандардот и примањата на обичниот човек кој секој ден се чуди како да преживее.

И на крајот ако земањето 1500 денари за “УСЛУГА” во која без никаква вина граѓанинот е оштетен на многу начини и која треба да ја плати “Топлификација” или “Пошта” или…. било кој друг, не е крадење од граѓаните, ако за огромните пари за услуги по извршни решенија што ги земаат (не сите, некои) адвокати, нотари и извршители, самите свесни дека тое е законско крадење, ако за сето тоа, не можеме да кажеме дека е крадење од граѓаните, тогаш сите ние треба да се собереме и газ преку глава да заминеме од земјата во која очигледно треба да останат само политичарите, извршителите, адвокатите, нотарите, Топлификација, Пошта и уште неколку фирми да се е*ат меѓу себе.

Ѓуксен Мамут

фејсбук статус

Коментари

Популарно