(ВИДЕО) Темпирана бомба во Охис - линдан пронајден кај 8-год девојчиња кои предвреме влегле во пубертет

Ова се култните производи на хемискиот гигант ОХИС. По распадот на Југославија почнa и бавното „распаѓање“ на фабриката од која некогаш егзистираа околу пет илјади семејства. Просторот од речиси 100 хектари сега е запустен, погоните се руинирани, а во дворот на ОХИС лежи токсична „бомба“.

Илјадници тони токсичен отпад се депонирани овде во дворот на ОХИС. Отпадот е остаток од производството на пестицидот Линдан, кој се правел во фабриката. Меѓу токсичните супстанци, овде има  и значителни остатоци линдан, кој од 2009-та е забранет за производство. Речиси една деценија подоцна, Македонија се уште бара начин како најбезболно да ја затвори оваа отворена рана.

Линданот е пестицид, кој порано се користел во земјоделството. Белиот прашок служел како инсектицид, а со неговото одвојување од другите соединенија се создала огромна количина токсичен отпад кој се депонирал  на отворено. Погонот за производство на овој пестицид имал најмалку вработени, но носел најголем профит за ОХИС, вели пензионираниот хемиски инженер Перо Нане.

„Самиот производ и нус производите многу смрдеа, дури и сите алишта и работниците со денови не можеа да се изветреат од толку голема смрдеа и мораше обавезно да се бањаат на секое влегување и излегување, а линданот одеше како алва, се продаваше. Самиот линдан, целото производство не остануваше ниту грам, толку баран што беше производот, одеше во Западна Европа, дури во Русија одеше, молеа, толку што беше баран. Така да, од линданот ништо не остануваше, единствено ако остана при преработка некој вака процент како отпадно.“

Нане вели дека поради немањето обучен кадар, смртноста кај вработените во овој погон на ОХИС била висока.

„Не знаеја што значи тоа, макар што тоа беше еден отров, многу токсична материја. Не знаеја да се пазат и доста од тие работници и завршија трагично. Дури и ние самите како инженери не знаевме точно како може толку да биде опасно, и после тоа осумдесетите години во Eвропа се забрaни и штом се забрани во Европа и кај нас се забрани и крај на приказната.“, раскажува Нане.

Депонирањето на отпадот се вршело рачно, се сеќава и пензионерот Кирил Трпковски, кој работниот век го минал до опасниот линдан.

„Овде кај овие што се како ридчиња, тука имаше линдан закопано. Секоја смена по десетина колички зависи производството како одело и така тоа се збираше. Тоа се се фрлаше тука. Кога запре погонот, и се покри со земја, после така остана. Цело време, триесет години така се работеше тоа.“, ни кажа Трпковски.

Иако затрупани, смртоносните супстанции во ОХИС се сметаат за најжешка еколошка точка во Македонија, вели професорот по хемија, Трајче Стафилов.

„Отпадите се составени од различни хемиски соединенија, од кои еден е линданот.“, вели Стафилов.

Земјената покривка со која е покриен отпадот, не претставува никаква заштита, напротив. Земјата се контаминирала од отровите и така се создала уште поголема  маса од четириесет илјади тони опасни супстанци кои со децении се оставени на отворено. Со текот на времето бетонските базени распукале, па со линдан се контаминирале и подземните води.

„Се дистрибуираат честичките во воздухот, луѓето се изложени на вдишување на тие честички, внесување во организмот. Исто така поради делумната растворливост на дел од овие изомери тие се присутни во подземните води и истражувањата и нашите пред десет години и дополнителните којшто се вршени потоа покажаа енормно високи концентрации на овие изомери во подземните води. Почвата, не само самата депонија, туку и околната почва, бидејќи се дистрибуира тој материјал и во околината е во голем размер исто така контаминирана. Што значи, кога зборуваме за можно решение, не треба да се задржиме само на решенија на елиминација на отпадот како таков на самата депонија, туку ќе мора да се размислува на ремедијација и на поширокото подрачје. И на подземните води секако.“, објаснува професорот Стафилов.

Истражувањето на професорот Стафилов покажало дека од севкупиот отпад кој и натаму се наоѓа во ОХИС, канцерогениот линдан е присутен со речиси 10 отсто. Високо токсични се и останатите 90 отсто од отпадните супстанции, кои се сметаат за потенцијално-канцерогени.  

Државата нема стандарди или правилник според кој би се оценила штетноста на ова жариште за почвата, па професорот се водел од две гранични вредности за дозволена почвена токсичност во Холандија.

„Една гранична вредност којашто ви укажува над која граница на која се сметаат почвите загадени со некоја супстанца и има уште една гранична вредност којашто дури е наречена интервентна вредност на којашто мора веднаш да се интервенира. Не се дозволува во Холандија таква состојба воопшто да постои. Ние нашите почви во потесното подрачје на депонијата ни се загадени над тие интервентни вредности, значи мора да интервенираме.“, додава тој.

Колку се токсични отровите од некогашниот гигант, познато им е и на жителите од околините населби.

Трговецот Слободан Митревски кој  има тезга на локалното пазарче во Драчево, вели дека поради загадувањето на водата трпело и земјоделското производство. Купувачите постојано прашувале од каде се производите.

„Бегаа луѓето, искрено бегаа. Oд кај е производот? Од Лисиче од Драчево, сите бегаа едно извесно време.

Зошто?

Па се плашеа, демек било канцерогено, не знам што. Имаше една афера дали беше вистина или не не знам, тоа беше поодамна.

Зошто канцерогено, од што?

Па тој погонот линдан, од Охис.“

Откако се приклучиле на друг водовод, велат бизнисот го спасиле. Но, останала загриженоста за здравјето.

„Сите знаат дека има некое загадување, дека доаѓа од тој Охис, од линданот, тој погон треба да се уништи. Сега државата нека мисли.“, вели Митровски.

И државата помислила на проблемот, а првичните показатели од тестирањата биле изненадувачки и загрижувачки. Испитувањето на присуството на токсини во крвта кај 56 девојчиња, на неполни осум години, кај кои настапил предвремен развој на млечни жлезди, како вовед во пубертет, покажало присуство на линдан кај 10 отсто од тестираните деца. Девојчињата биле од различни делови на Македонија, а најмногу  40 од нив биле од Скопје. Студијата е направена во 2007-ма и во неа се констатира дека покачените нивоа на линдан кај оваа популација треба дополнително да се испитаат. Овие резултати се споменуваат и во брошурата за ОХИС која министерството за животна средина ја испечатило во 2014-та:

„Како неочекуван наод од студијата беа високите концентрации линдан во крвта на испитаниците, дури и во контролната група. Тоа беше причина за преземање на конкретни активности за конечно наоѓање решение за историските загадувања со линдан... во земјата.“, пишува во брошурата.

Охис е во непосредна близина на куќите во населбите Пинтија и Лисиче. Покрај депониите секојдневно минуваат жителите на тој дел на градот. Од септември минатата година локацијата ја посетува и консултантска фирма која по нарачка на министерството за животна средина ја испитува моменталната токсичност на теренот. За опасноста на депониите, самата за себе зборува заштитната опрема што ја носат луѓето што земаат примероци. Увидено е дека отровните прашоци со годините се измешале со земјата, а постои сомнеж дека преку подземните води, линданот и останатите соединенија најверојатно го нашле патот и до реката Вардар. Земени се примероци од некои од околните куќи и бунари и тој процес продолжува. До јуни се очекува јасна слика за состојбите на теренот, по што на меѓународен тендер ќе се бара фирма која ќе почне да го санира проблемот.

„За да се деконтаминира количина од 10 илјади тони што е количина на малата депонија, прогнозата е дека се потребни околу пет години да се деконтаминира. Што значи ако се започне, тоа се надеваме дека ќе си тече регуларно, ќе си има одредена динамика и очекуваме дека ако функционира добро, за некаде 5 годин, малата депонија ќе биде комплетно деконтаминирана. За големата ако сметаме дека вкупно околу  25 до 30 илјади тони е големата депонија, значи отприлика би требало уште двапати по толку.“, вели Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПС при Министерството за животна средина.

Според проценките - анализите, чистењето и работната сила за малата депонија, ќе чинат околу 15 милиони дoлари, од кои Глобалниот еколошки фонд ќе финансира 3 милиони, а останатите Владата. Надлежните сметаат дека чистењето на малата депонија ќе го одреди темпото на другите неопходни активности. Фирмата што ќе го добие тендерот мора да ја обвие со гума и големата депонија додека не се обезбедат пари и за нејзино чистење.

„Прекривањето со гумена покривка можело порано да се направи, ако сме имале одреден концепт претходно меѓутоа, бидејќи имало преговори, се менуваше сопственоста на ОХИС итн, и во управувањето имаше наназад големи промени, од тие причини не се прешло на преземање на некои итни мерки и треба некој да биде одговорен за тоа, да го преземе тоа како обврска и одговорност.“, додава Андонова.

Но, освен отпадот кој го остави погонот „Линдан“, истражувањата на професорот Стафилов покажале дека ОХИС ја контаминирал средината и со жива и со остатоци од работата на другите погони.

„Значи, пет, шест пати повеќе жива имаме во подземните води од максимално дозволените.“, вели професорот Стафилов.

Како да се деконтаминира целиот простор, допрва ќе се бара помош од странски фондови за отпочнување студии. Иако тоа е бавен и скап процес, стручната јавност е децидна - доколку не се почне веднаш, под атмосферските влијанија отровите ќе се разнесат уште повеќе. За последиците, Стафилов посочува на еден познат пример од светот на труење со токсични супстанци.

„Ова е украинскиот претседател којшто беше труен со диоксин, како изгледал порано, а како после труењето, ама Швајцарците го спасија.“, вели Стафилов.

Со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004-та, во која линданот како токсична супстанца е додаден во 2009-та, Македонија e обврзана да ја деактивира темпираната бомба во својот двор.

Коментари

Популарно