Го преживеале и Аушвиц - семејството кое било разделено на три континенти конечно заедно

Девет членови на три генерации еврејско семејство, разделено на три континенти се вратија крај родното огниште. Битола откри уште една трогателна приказна од Холокаустот. Средбата организирана од Македонско- германската иницијатива за помирување… Девет членови од три генерации разделени на три континенти од еврејското семејство Калдерон се сретна во родниот град на нивните предци. Никогаш нема да го заборавам она што ми го пренесе мајка ми. Приказната како со татко ми пребегале преку Грција ден спроти кобната ноќ. Посебно на онаа кога по една година се обиделе, но за жал неуспешно да побарат ново пребежиште, вели ќерката на единствената преживеана македонска еврејка од логорот Аушвиц.

„По неуспешниот обид од Кожани, мојата мајка и нејзиниот брат беа одведени. Им беа ставени бројки и пренесувани во повеќе логори. Последниот беше Аушвиц, а голготата ја преживеаа само триесетина жени“, вели Сара Ле Гутман Калдерон.

При враќањето во Битола, најмалку очекувала средбата со својот сопруг да биде во разминување.

„Мајка ми од Австрија се враќаше со воз, а татко ми бил партизан кој патувал со друг воз, нивната средба се случила при самото разминување на возовите, а дотогаш не знаеја дали се живи“, раскажува Сара.

Со многу емоции и посетата на местата каде некогаш живееле нивните предци. Една од куќите веќе ја нема, но нивниот инстикт се чувствуваше, вели нивниот пријател и водич Владо Стојанов.

„Се расплакаа и постојано велеа- одиме по стапките каде некогаш одеа нашиот дедо, татко и останатите блиски роднини“, вели водичот Владо Стојанов.

Со цел да се создаваат нови вредности и заборават горчините од минатото, во настаните вклучени се и дваесетина млади германски исражувачи, преку Македонско- германската иницијатива за помирување.

„Посебно ни е драго што се сретнавме со семејството и овие приказни за младите ќе бидат исклучително важни за нашите истражувачи во мисијата за помирување“, вели свештеникот Ханс Јоаким Шолц.

Централната манифестација посветена на 75 годишнината од депортацијата на мекедонските Евреи е в недела. Дотогаш во Битола се предвидени уште низа настани со кои ќе се оддаде почит на над 3.000 сограѓани кои беа одведени и повеќе никогаш не се вратија.

Коментари

Популарно