11 медицински сестри и болничари останаа без работа

Во осмиот месец од бременоста, по три години работа на клинички, а три месеци пред да и истече договорот на дело, Гордана Јаневска остана без работа. Договорот преку ноќ и станал невалиден, бидејќи така одлучил Управниот одбор на Клиниката за уво  нос и грло. Нема да и биде исплатена ниту февруарската плата. Судбината ја делат уште 11 нејзини колеги. Одлуката им била усно соопштена, без да им бидат врачени отказни решенија.

„Договорите ни истекуваат на 1-ви јуни, но предвреме ни рече одете си, ако имаме потреба ќе ве контактираме, ќе ве вратиме на работа. Мене нормално нема да ме врати бидејќи сум 8-ми месец бремена“, кажа Гордана Јаневска Мишотова, медицинска сестра.

Не се откажуваат од правата, ниту од февруарската плата, особено заради тоа што предвременото прекинување на работниот однос, три месеци пред да им истечат договорите следува во период кога безмалку сите јавни здравствени установи кубурат со средно-медицински кадар. Велат, ќе продолжат да одат на работа, за да не бидат изиграни. Ако не успеат да им го раскинат договорот, се плашат дека ќе ги отпуштат бидејќи три дена по ред не се појавиле на работа.

„Сакаме да откриеме што се крие зад сево ова, да добиеме образложение кое ќе држи место, бидејќи ова е навистина небулозно. Адвокатите со кои разговаравме ни кажаа дека не може да постои таков документ договор на дело, кој е невалиден, незаконски“, кажа Маја Јандриевска, медицинска сестра

Од Клиниката не добивме официјален став, а од Министеството за здравство информираа дека медицинскиот кадар бил ангажиран без согласност од финансии. Двајца од нив со договор за дело на клиниката се подолго од 24 месеци, што исто така е спротивно на законот. Но, бидејќи совесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи, веќе се доставени барањата до финасии по што повторно сите 11-мина ќе бидат повикани на работа, соопшти министертвото за здравство.

Весна Јовановска Дојчиновска

Коментари

Популарно