Со години немам секс

Анонимна мајка која со години нема интима, јавно ја сподели својата емотивна исповед, објаснувајќи како почнал да ѝ годи животот без секс. Ова е нејзината приказна:

„Не сум имала односи од првиот роденден на син ми. Скоро наполни четири години. Додека тој ги дуваше свеќичките на роденденската торта, потајно и јас ги дував свеќичките на мојата имагинарна торта, помислувајќи си: „Среќна сум што не сум имала секс три години!“.

Последен пат водев љубов со татко му, дури двајцата бевме сѐ уште заедно. Но, со тек на време, нашиот однос почна да се распаѓа. А, кога целосно се распадна, блиските пријатели ми говореа дека треба да си најдам друг љубовник. Според нив, решението за сите мои проблеми лежеше во незадолжителниот секс со некој тип. Меѓутоа, за мене сексот никогаш не бил решение.

Како триесетгодишна самохрана мајка, ниту го имав тоа „нешто“ во себеси, а ни чувствував потреба да барам секс. Немам дури ни размислувано на оваа тема. Со сите други работи што ми се случија во животот, лесно беше да се заборави на тој дел. Оттогаш пројдоа три години, а јас и понатаму сум неодлучна кога е сексот во прашање.

Апстинирањето од секс е прилично едноставно кога сте самохрана мајка со бебе, а сега со мало дете. Толку сте исцрпени, што немате енергија да сфатите дека нешто пропуштате. Немав време да одам на љубовни средби. Имав дете кое беше буквално залепено за мене, па не можев да го оставам само на подолг временски период. Плус тоа, се вратив да живеам кај родителите.

Ова ми беше проблем дури во раните дваесетти, додека бев слободна девојка. Сега ми е уште поголем, кога сум во триесеттите, а имам и мало дете. Не сакав да одговарам на било какви прашања околу тоа каде сум била, со кого, или, пак, што сум правела. Престара бев за да одам наоколу, па подоцна да ги лажам родителите.

А, да бидеме искрени, колку мажи на моја возраст би ги воодушевило да бидат во врска со самохрана мајка, која згора на сѐ живее со родителите?

Откако раскинавме со таткото на син ми, западнав во мошне лоша психичка состојба. Никаков секс не можеше да ги поправи работите. Наместо тоа, се „нафрлив“ на кариерата, па работејќи ми поминуваше поголемиот дел од времето. Малку спиев, па дури и да сакав да излезам надвор и запознаам некого, премногу бев уморна за такво нешто.

Потоа, кога кариерата ми тргна во нагорна линија, почнав да се чувствувам подобро во врска со себеси. Почнав навистина да уживам во животот што го создадов за себе. Да се трудам малку повеќе околу изгледот, па дури и излегов со пријателите неколкупати. Меѓутоа, ним од старт им дадов до знаење дека не сум спремна за романтични состаноци, а ни секс.

Никој не ме разбираше. Не им беше јасно како сум способна да ја потиснам својата сексуална страна. Меѓутоа, тоа и не е толку тешко колку што човек би помислил. Барем не за мене.

Сексот никогаш не ми бил од голема важност. Тоа не значи дека не уживам во него. Се разбира дека уживам, ама отсекогаш сум била повеќе заинтересирана за дружење и партнерство, а дури подоцна ми се јавувал интересот за секс. Сексот без обврски не ми е привлечен, а моментално не сакам да се врзам за никого. Поради тоа сум и без секс. Засега.

Искрено? Среќна сум со својата работа, со пријателите и со детето. Нејќам да почнам да се грижам дали изгледам доволно привлечно за некого. Ми годи да не носам шминка, да не ги депилирам нозете и да не ги средувам веѓите. Ми се допаѓа што поголемиот дел од времето носам хеланки и широки маици.

Во 22 часот сум веќе во „кома“, па одам на спиење. Не сакам да бидам надвор и да трагам по некого. Ако некој случајно ми „влета“ во животот, можеби нема да го оттурнам од себе. Сепак, јас лично немам желба активно да барам било кого.

И сега она посериозното. Ме плаши помислата за средби, а уште повеќе размислувањето за секс со нов партнер. Имав сексуален живот со иста личност четири години, а после тоа, моето тело се промени. Градите ми виснаа од доењето, додека стомакот ми е далеку повидлив од порано. Посебно кога на себе не носам широка облека. Имам стрии на задникот, кој исто така ми се „спушти“ околу пет сантиметри по станувањето мајка.

И уште една работа. Имам дете на предшколска возраст. Не знам дали имам енергија да бидам со него, да работам по цел ден, па пак да вратам на детето, а навечер да сум спремна за нешто трето.

Во теорија, забавно ми звучи да излезам и да флертувам со атрактивни мажи. Но, само доколку тоа значи дека подоцна ќе си одам дома и сама ќе лежам во својот кревет, јадејќи сладолед и гледајќи видеа на You Tube. А, вистински секс? Очигледно мојата неодлучост значи дека не сум подготвена. И, знаете што? Тоа е сосема во ред!“

Коментари

Популарно