Доцни филтерот за отровите од „Дрисла"

Ништо од најавите дека од денеска чадот од согорениот медицински отпад на „Дрисла" ќе се филтрира низ нов систем, кој треба да ги елиминира отровните честитки што се испуштаат во воздухот. Наводно, дождот бил причина за пролонгирање на монтажата на филтерот, брифираат надлежните. Но, потенцираат, дека до крајот на неделава тоа сигурно ќе се случи.

„Несоодветното време, односно дождот е главна причина за пробивање на најавениот термин. Но, прашање на ден е кога работите на терен ќе се изведат до крај, очекуваме тоа да биде до крајот на неделава. Монтажата на водениот филтер практично ќе значи испуштање на чист воздух од согорениот медицински отпад. Тој всушност ќе биде привремено решение до конечната набавка на новата печка, која е во тек", изјави за „Независен весник" Драги Давчевски, претставник на Град Скопје во уделот на градската власт во „Дрисла".

Од менаџментот на депонијата не успеавме да добиеме појаснување зошто е пробиен последниот најавен термин за монтажа на филтерот.Пред само неколку дена заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, најави дека од 19 март „Дрсила" ќе ги испочитува наредбите за поставување на новиот прочистувачки систем, откако по вонреден инспекциски надзор беше утврдено дека чадот од согорениот медицински материјал енормно го загадувал скопскиот воздух.Филтерот треба да ги зафаќа ПМ10 и ПМ 2,5 честичките и практично од согорениот отпад во воздухот да се испуштаат неотровни материи.

Во меѓувреме, како што посочува Давчевски, од „Дрисла" постапуваат и по налогот за набавка на нова печка за медицински отпад. Концесионерот „ФЦЛ Амбиенте" има рок инцелераторот да го набави до април годинава, за што веќе е издадена градежна дозвола од Министерството за транспорт и врски. Владата, на почетокот на годината му наложи на концесионерот да набави нова печка за согорување на медицински отпад, откако се потврди дека емисиите кои ги испуштала веќе постоечката печка ги надминуваат дозволените граници. Тоа беше и причината поради која „Дрисла" заработи казна од 8.500 евра, а истовремено и се наложи до средината на февруари да вгради соодветни филтри. Превентивно, да се спречи дополнително загадување на воздухот, на менаџментот му беше наложено да ја ограничи работата на постоечката печка, односно дозволено е согорување на отпад во рок од осум часа.

Неодамна, на брифинг со новинарите градоначалникот Петре Шилегов и заменикот министер за животна средина, Макрадули, информираа дека концесионерот требало да набави нова печка до март 2014 година. Набавката не била спроведена затоа што тогашната Влада, преку Министерството за транспорт и врски не ја дала потребната градежна дозвола. Тоа се случило неодамна, односно во октомври минатата година, „Дрисла" ја добила потребната дозвола.

Инаку, откако надлежните утврдија дека депонијата ги труела скопјани, беа извршени неколку вонредни надзори на терен. Притоа, како што информираа од Државниот инспекторат за животна средина, на депонијата се почитувало решението на Инспекторатот за неработење на печката во денови кога има надминување на прагот на алармирање.

„Од менаџментот е добиена информација дека сите потребни процедури и документи за набавка на нов инцелератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април по што во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа на истата. Намената на инсинераторот , освен согорување на медицинскиот отпад, би била  и да производува електрична енергија. Се очекува пробната работа да отпочне во текот на месец јуни оваа година", соопштија од Инспекторатот. Оттаму информираа  дека на депонијата бил извршен  надзор од страна на Дирекцијата за радијациска сигурност во однос на јонизирачко зрачење и било констатирано дека нема зголемено ниво на радиоактивност.

Ќе се организира отворен ден за посета на депонијата

Градските власти планираат да организираат т.н. отворен ден за јавноста на депонијата. Целта е сите заинтересирани граѓани да видат дали и како функционира преработувањето на ѓубрето.

„Всушност, меѓудругото, граѓаните ќе можат да присуствуваат на мерењата на испуштените материи на депонијата. Сите заеднички да видиме дали е постигната конечната цел со поставувањето на водениот филтер", појаснува Давчевски.

Деспина Трајковска-Димова

Коментари

Популарно