(ВИДЕО) Димитров: Има разлики во македонската и грчката нацрт-спогодба

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, рече дека постојат разлики во нацрт-спогодбите на Македонија и Грција, кои меѓусебно си ги разменија. Димитров рече дека македонската нацрт-спогодба денеска била испратен во Атина и дека целта е одржливо решение прифатливо за двете страни. Димитров истакна дека смета оти не е корисно да открива детали од спогодбите затоа што, како што рече, обраќањето преку медиумите може да го комплицира процесот.

„Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Не сум убеден дека ќе биде корисно да коментирам за содржината, секогаш кога говориме преку медиумите работата се комплицира. Можеби е чесно да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме на една цел, ќе успееме да ги надминеме тие разлики“, рече Димитров.

На новинарско прашање зошто не било најавено во јавноста дека ќе биде испратен ваков документ, Димитров рече: „Повторно учејќи од лекциите од целиот процес, одлучивме дека е подобро да сработиме отколку да најавуваме и затоа сега кога тоа е направено, го објавуваме“.

Исто така, министерот рече дека не постојат цврсто утврдени рокови за одговор на нацрт-спогодбите од двете страни.

Димитров рече дека процесот продолжува неделава со средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во Скопје и со средба со медијаторот на ОН, Метју Нимиц, на 30 март.

Според Димитров, досега најсуштинската рунда разговори беше онаа што се одржа во Виена по иницијатива на Нимиц и која траеше 7 часа. Сепак, на оваа средба, според Димитров, не бил постигнат некаков напредок.

„Се обидуваме во неколку месеци да направиме големи скокови, тоа е главниот предизвик – да се изгради доверба, да се убедат двете јавности дека ова прашање мора да се реши во брз рок поради европската агенда“, рече Димитров.

Грчката Нацрт-спогодба која содржи предлози за решавање на спорот за името е пристигната во Владата и таа првпат ќе биде разгледана во Скопје, заедно со нацрт-спогодбата подготвена од македонската Влада која им била доставена на грчките власти, изјави денеска на прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

Според него, нацрт-спогодбите се алатки што можат да бидат од помош во процесот на преговори, но клучен елемент е нацрт-драфт-меѓународен договор што треба да дојде од медијаторот на ОН во спорот Метју Нимиц.

-Ние не можеме да правиме билатерални договори или какви било документи. Процесот се води под покровителство на ОН. Сето друго се алатки што можат да бидат од помош. Може воопшто и да не бидат составни делови на она што треба да биде конечна верзија на меѓународен договор или спогодба со Република Грција. Од тој аспект тоа е нешто што не е ставено на разгледување, ниту е дискутирано, а првпат ќе биде разгледувано на средбата што ќе се случи овде во Скопје. Тогаш можеме да информираме за деталите. Важно е да се посветиме на процесот во функција на негово решавање. Јас сум убеден дека извршната власт, јас лично како премиер, министерот за надворешни работи и другите политички чинители, институциите, но и медиумите, будно ќе го следат процесот, но со аспект на одговорност за да успее, рече Заев.

Тој на новинарско прашање појасни што содржи македонската нацрт-спогодба.

-Во нашата нацрт-спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви меѓународни договори затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите и слично, се уште се на маса за преговори. Така што тие се ставени во разни форми, како што се ставени и од грчка страна. Повеќе станува збор за технички аспекти на формулацијата на договорот. Но, верувам дека на крајот сепак ОН се тие што имаат најсериозна промеморија и искуство за вакви договори затоа конечното решение го очекуваме токму од таму. Деталите нема да ги кажам затоа што, пред се, се од технички аспект на организирање на структура на меѓународен договор, рече Заев.

Тој додаде дека нема ништо ново од последната средба во Виена, односно нема поместување од позициите, а согласно тоа, вели, не може да биде ништо ставено во какви било документи што се на маса за разгледување.

Коментари

Популарно