Владата објави оглас за вработувања за однапред одбрани лица

Владата отвори шест нови работни места. За плата до 50 илјади денари апликантните треба да исполнуваат посебни услови, како работно искуство до 16 години. Огласот отвора сомнежи дека е наместен поради специфичните услови што Владата ги поставила. Сите лица ќе бидат вработени во Кабинетот на премиерот Зоран Заев и ќе добијат договор што ќе им трае до истекот на неговиот мандат.

За секое од шесте работни места квалификациите се различни, но и тешко остварливи, па на пример, за советник за спроведување на Рамковниот договор апликатот дека треба да има дури 16 години работно искуство во струката и завршено економски науки. Идниот најблизок човек на Заев кој ќе го советува за отчетност и транспарентност треба да има струка од областа на уметноста и образованието и 12 години да работел на оваа проблематика. Само идниот советник за млади и спорт нема потреба да поседува работно искуство, туку само да има изучувано правни науки и да има визија за младите.

Строгите критериуми, кои се наменски поставени, ќе послужат за вработување кадри кои се однапред одбрани, а, пак, за огласот се претпоставува дека е објавен поради почитување на законските процедури за вработување.

Овој оглас е контрадикторен со оглед на тоа што министрите укажуваа дека има превработеност во јавните институции. По формирањето на Владата, генералниот секретар Драги Рашковски истакна дека во администрацијата во Владата работат 289 луѓе и додаде дека 72 од нив треба да се прераспределат на соодветно место каде што има потреба од нив. Исто така, пред месец и половина министерот за администрација, Дамјан Мачевски, тврдеше дека превработеноста во јавниот сектор е на високо ниво.

„А1он“ се обиде да стапи во контакт со потпаролот на Влада, Миле Бошњаковски, но тој не одговори на повикот.

Коментари

Популарно