Професионални војници на АРМ повредени со огнено оружје во Тетово

Генералштабот на Армијата на Република Македонија информира дека денеска, околу 9:55 часот, во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово двајца професионални војници на АРМ биле повредени од огнено оружје.

Имено, според првичните информации, при чистење митралез бил испукан еден куршум при што со прострелни рани во натколеница и потколеница биле повредени професионалните војници М.Ј и В.Ш.

Веднаш по настанот војниците биле пренесени во Јавната здравствена установа во Тетово каде што им биле утврдени скршеници на коските и по првичното санирање на повредите биле префрлени на хируршка интервенција во Клиничкиот центар „Карил“ во Скопје.

Двајцата војници се во стабилна состојба, надвор од животна опасност. Надлежните органи од МВР и АРМ работат на целосно расчистување на случајот, а за резултатите од истрагата јавноста дополнително ќе биде известена, информираат од Генералштабот.

Коментари

Популарно