Ако Русија го убие Заев, кого ќе ни донесат на власт ЕУ и САД?

Не дека нешто се жалам, ама тешко е да се биде колумнист во последниве неколку месеци. Озбилно. Не дека нема за што да се пишува, напротив, Заев и другарчињата секојдневно отвараат по 10тина теми за колумна, но се е веќе кажано и предвидено. Се чувствувам како да се повторувам во секоја колумна, во секој став и реченица. Кога еднаш ќе напишеш дека со Заев го допревме дното, што да пишеш следно?

Кога имаш пишано најмалку 5 текстови за Тиранската платформа, како сега да пишувам за двојазичност? Ете пишав дека законот е против уставен, ама и овој важечкиов од 2008 година е против уставен и сега?

Кога си пишувал за против уставно, против деловничко избирање на претседател на собрание, како сега да пишувам како тој лик се однесува со новинари? Па зарем треба да сум изненаден? Или како се однесувал на дебата на ТВ, каде новинарката другиот гостин не го ни поканила во студио, туку на Скајп? Тоа ли да ме изненади? Или телевизијата која отворено кажа дека се менува уредничка политика веднаш по смената на власт, сега да ме шокира?

Зарем некој очекува паметен и добар потег од градоначалник кој со DJ отвараше автобуска постројка, каде некогаш имало автобуска постројка? Као следниот негов потег ќе биде нова улица? Не бе дечки, он „Адреналинска жицница“ може да напраи, т.е. да вети. Којзнае дали може да ја напраи. Досега не сме виделе ништо направено, а тешко и дека ќе видиме. 4 години Скопје ќе си остане такво какво ни го остави Коце, освен ако Петре и другарите не срушат уште некој споменик.

Би сакал да кажам дека сум изненаден од протерувањето на рускиот дипломат, ама и тоа е веќе видено. Уште пред неколку месеци Заев си кажа дека Русија сака да го убие! Ок, прво да расчистиме. Ако си премиер на држава како Македонија и Русија сака да те нема, абе има да те нема. Истово важи и ако таква желба има било која друга моќна велесила или средно моќна... па дури и не така моќна. Со други зборови, ако некоја држава сака да ни го ликвидира премиерот, а вие знаете да ја лоцирате таа држава на глобус , Заев е завршена работа. Ако не знаете да ја најдете државата на картата, тогаш Заев е безбеден. Откако го расчистивме ова, со страшаната желба на Русија и „храбриот“ струмичанец, да се потсетиме и дека Шекеринска, ничим изазвана, пред неколку месеци на пресконференција и се нафрли на Русија. Зарем по ова треба да чуди дека кога Британија ќе побара ние да се свртиме против Русија, храбриот ни премиер ќе прифати? Па 27 години во Македонија на власт имаме западно ориениентирани политичари. Ликови кои за секој проблем во државава одма ѕвонат во Брисел и Вашингтон. Или ако сакате со други зборови, политичари избрани на непосредни избори од страна на ЕУ и САД. Да, ние гласаме, ама тие си ги бираат. Сега дури и опозицијата си ја избраа! Затоа за прв пат по осамостојувањето СДСМ и ДПМНЕ имаат исти ставови на одредени теми. Еве и од ВМРО се сложија дека Русија е лоша! Само Иванов нешто се мурти, веројатно зошто ова му е последен мандат, па веќе на зависи од моќниот запад. Или којзнае, може и него така му рекле. Да глуми баланс, за да ние граѓаните добиеме вештачка престава за каква-таква рамнотежа.

И додека СДСм и ВМРО, потпомогнати од дечките што с’скаат пајаци на полицајки кај Мавровка, си договарааат промена на име, идентитет, јазик, отвараат проблеми со Русија, си носат неуставни закони итн итн... кај нас овие два дена во фокусот е сиротоно директорче на Агенција за млади и спорт. Еве да не биде дека не сум го спомнал и јас, па да испадне дека не сум ИН. Лично мислам дека ликот е тотално неспособен. Мое мислење е дека на сабајле некој му помага да се облече. До толку е способен. Ама, не  е само он. Цела оваа гарнитура на СДСМ е таква! Сите до еден! Да имаше еден способен у Агенција за Млади и спорт, ќе го откриеше скандалот пред да се случи, ама таков нема. Нема ни кај Петре у тим, па секој ден си тресат зелени по прес конференции. Исто и кај премиерот, па затоа Заев се поздрави-не се поздрави со Трамп, ама и за ова сум пишувал.

Досадно е веќе да пишувам едно исто. 27 години едно исто. Ликови желни за власт и ништо друго. Послушници неспоспобни за визија, а камо ли за план или реализација. Копии еден на друг, во борба еден против друг. Нема тука помало и поголемо зло, само различни имиња на иста стока (роба де). Ајде може на следните избори ќе ни одберат некој различен или можеби, само можеби, ќе ви текне дека вашиот глас е само ваш и ако го дадете против, место ЗА, ништо не сте направиле. Се додека гласаме против едните, без разлика кои се другите, ќе си тапкаме во место. Јас во продавница не купувам Горенка, зошто сум и лут на Милка. Си купувам тоа што ми се допаѓа или НИШТО! И на избори исто се однесувам. Вие?

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно