„Американци убијци“ – Во Грција гореше знамето на САД

Неколку илјади луѓе се собраа во центарот на Атина на протести поради воздушните напади на САД, Велика Британија и Франција во Сирија.

Грчката полиција наведе дека на протестите во организација на Комунистичката партија, се собрале помеѓу 6.000 и 7.000 лица.

Демонстрантите од централниот плоштад во Атина, се упатија кон американската амбасада, носејќи транспаренти и извикувајќи пароли против САД. Кога пристигнаа до амбасадата, на улицата со црвена боја напишаа „Американци, убијци на луѓе“, по што безуспешно се обидеа да ја фрлат бојата во дворот на американската амбасада и го запалија американското знаме. Полицијата со возила го заштити влезот на американското претставништво во земјата.

Грчкото Министерство за надворешни работи порача Меѓународната заедница да пронајде политичко и одржливо решение за Сирија, што ќе помогне бегалците да се вратат во своите домови.

„Грција остро ја осудува употребата на хемиско оружје и ги поддржува напорите тоа да биде уништено. Меѓународната заедница треба да се стреми кон политичко и одржливо решение во Сирија, кое ќе стави крај на војната и ќе дозволи враќање на бегалците, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Понатаму се додава и дека дипломатијата треба да се врати во прв план и да продолжат обидите за мир, во рамките на Обединатите нации.

Коментари

Популарно