Зекири препозна две лица што го извадиле Села од прес-салата

Пратеникот Мухамед Зекири посочи кон обвинетиот Александар Јаневски за кого тврди дека прв се обидел да го извади Села од прес-салата пред да биде претепан во Собранието.

Тој посочи и кон обинетиот Сашо Сенков за кого вели дека му помагал на првиот обвинет, Јаневски. На рочиштето за нападот врз неговиот колега, во својство на сведок, Зекири тврди дека кога Села бил изваден од прес-салата, тој бил веќе удиран со тврди предмети.

„Некои од пратениците, поради ударите со тврди предмети, беа крвави. Меѓу нив беше пратеникот Села. Не можев да видам кој го удри Села. Видов како лице со црн елек и црни очила на главата го повлече Села и го изнесе надвор. Тоа лице е тука. Лице со црна фантомка помагаше и тоа беше едно од најнасилните. Лицата што го вадеа Села надвор не беа заштитнички настроени кон него“, рече Зекири.

Зекири со уште четири пратенички за време на инцидентите во Собранието бил во кабините за превод во галеријата на прес-салата.

„По изнесувањето на Села од салата, притисокот таму спласна, а се преполови со луѓе“, додаде Зекири. Пратеникот Зекири видел повеќе лица, но не сеќава на сите. Тој, по неколку минути откако Села бил извлечен од прес-салата, добил прашање од новинарка дали Села бил мртов, но не одговорил.

„Некои од колегите пратеници, кога го виделе Села, помислиле дека сум јас бидејќи исто имам долга коса“, рече Зекири.

Коментари

Популарно