Кечерски меч на Заев и Груевски!

Телевизиските програми во Македонија во последниве 10-15 години се преплавени со турски (претходно шпански) серии и реални шоу програми. Евтин начин за пополнување на програмата, што ете за чудо, кај поголемиот дел од публиката наидува на воодушевување. Останатите се оставени да гледаат серии и филмови онлајн или евентуално нешто спорт. Јас сум од овие „останативе“. Телевизот палам исклучиво за спорт и освен Спорт Клуб и Арена, другите програми не знам на кој канал се меморирани. Не дека не им дадов шанса на Ферхунде и компанија или на Сораја, Станија, Мими Оро и другарките... пробав ама не иде. Турциве се останати у 15 век и многу се трагични. Абе трагедија до трагедија! Само чекаш да се расплачеш! Јас пошто не сум толку во контакт со моите емоции, повеќ би гледал како Јунајтед губи од ВБА по дома. Старлеткив, од друга страна, нит се реални, нит се шоу. Се собрале 10 дрољи со тапија у некоја куќа, со 10 балкански „мачо“ фраери и ми глумат реалност! Па уште некои сериозни муабети вртат и тука Маца Дискреција ми филозофира за животов! Момава има Твитер акаунт на кој отворено си се продава за секс! И мени си има, што колку кошта, ама на ТВ нешо мудра е!

Единствено нешто полошо што имам гледано сегашниов ТВ репертоар, а сум гледал многу ТВ на времето, се кечери. Тоа ти е мешавина на турска серија и реално шоу. Прво имаш карпетини од мужи по хеланки, што многу се мразат и се вреѓаат. Па многу се дерат и на крај...НЕ СЕ ТЕПААТ! Скокаат нешо, глумат а у, ама ќотек нема. Се е однапред истренирано, вежбан и режирано. Сценариото некој друг го пишувал, а дечкиве у хеланки само го глумат. Резултатот одамна позна, но публиката вришти! Има и по некоја трагедија, па клетви, па мешање фамилии, ко у турски серии и секако по некоја старлетка за плакнење очи на публиката. И таа секако е мудра и дели свои погледи на светот. ДНО!

Зошто ми текна да пишувам за Кечери? Затоа што пред некој ден и се случија во Собранието на Р. Македонија. Преносот беше најавен како „Седница за интерпелација на Владата на Република Македонија“, но место тоа некој ни пушти кечери! Луда работа. Прво, неколу дена си се закануваа по медиуми. Па следаше „кавгата“ односно расправата, во која паднаа и клетви. За се да кулминира со финалниот меч Заев – Груевски.  Нормално крв не падна, ниту па некој некого повреди. Резултатот беше познат уште пред седницата да започне, а дел од актерите си гледаа фудбал додека траеше „мечот“. Сите беа дојдени со однапред напишани говори и си ги читаа без разлика на тоа што кажал тој пред нив или што се случува во салата. Па така „шарениот“ Павле Богоевски си читаше нешто за тоа како ситуацијата е многу сериозна и како за тоа требаат сериозни политичари, додека потпреседателот на неговата партија СДСМ, Мухамед Зекири е овековечен како гледа фудбал на телефон! Трагедии колку сакате, единствено фалеа старлети што мудруваат, но да се биде политичар и не е многу далеку од тоа да си старлета. А мудрости имаше! Еден за себе рече дека е Тито и тука изгасив ТВ!

Да бараш седница за гласање на недоверба на Влада, а едвај си собрал 42 потписи за тоа, е потег што бара испитување на менталните способности на барателот. Сериозно! Да зборуваш на мобилен од местото на претседател на Собранието додека треа седницата за интерпелација, без разлика колку противзаконски си седнат таму, е доказ за блага ретардација! Ок, може не е блага, ама ретердација е! Што е бетер од нашиве кечери? Само оние кои веруваат дека стварно се тепаат и кои за следното шоу пак ќе купат карти, односно пак ќе ги гласаат на избори.  Запомнете, кечерите живеат од публика. Без публика нема шоу, нема пари, нема кечери!  Сценариото им го пишува друг, но ако нема публика, нема пред кого да го одглумат!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно