Заев: Им покажав разговори на родителите на убиените деца, но не за убиства, туку за субвенции

Зоран Заев, денеска во изјава за новинарите во врска со случајот „монструм“ и сведочењета на родителите не убиените момчиња, кажа дека ги предал сите материјали кои ги имал.

- Ако побара судот да бидам сведок и да кажам се што знам, тоа ќе го направам бидејќи тоа ми е граѓанска должност. Сите материјали, не само оние за „Монструм“ коишто сум ги поседувал, се е предадено, истакна Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата за планираните инвестиции во комуналната инфраструктура.

На ова реагираше опозициската ВМРО ДПМНЕ, преку соопштение кое ви го пренесуваме во целост:

За да го одбрани својот коалициски партнер од кого му зависи опстојувањето на власт, денеска тврдеше дека Невзат Бејта со еден од обвинетите во случајот „Монструм“ разговарал околу ургенции за земјоделски субвенции.

Од друга страна, Зорица Наќевска, мајка на убиениот Александар во судот цитираше еден од разговорите кои им ги дал Заев во кој се велело: „Вечерва сонував еден многу лош сон како му ги врзав рацете на момчето, па плачев, па сега си велам да не се израдувам да не не сум го довршил тој никаквец“.
Ова дефинитивно не е разговор кој наликува на ургенција за земјоделска субвенција.

Кого штити и кого покрива Зоран Заев? Зошто продолжува да ги лаже и манипулира ожалостените семејства? Зошто ја потценува нивната мака и се обидува да ги убеди дека разговорот на Невзат Бејта и Фејзи Азири бил обичен случај на економски криминал околу ургенции за субвенции, а не дека е поврзан со грозоморното убиство?

Заев ја ветуваше вистината за случајот „Монструм“, но после 11 месеци откако тој е премиер единствена новина е тоа што обвинетите се најдоа на слобода токму како што се бараше во Тиранската платформа. Виновници зад решетки за грозоморното убиство нема, а Заев не чувствува ниту потреба да ургира кај неговиот косовски колега Рамуш Харадинај за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Станува се појасно дека правда за семејствата на егзекутираните момчиња ќе има само кога Заев ќе замине од власт и ќе ги ослободи институциите.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Коментари

Популарно