ФОТО: Врз паркот во Аеродром никнува станбено-деловна „Порта“

На досегашниот парк со детски реквизити во општина Аеродром, на просторот до Тобако 2, ќе се издигне станбено-деловен објект „Порта Аеродром“. Тоа е локацијата каде деновиве работеа машини, се сечеа дрвја и се спремаше теренот. Паралелно реагираа граѓански иницијативи, а револтирани граѓани урнаа дел тараби. Синоќа наоколу кружела и полиција.

Исто така, меѓувремено се појави и информативна градежна табла со име на инвеститорот „Порта Инжинеринг Груп“. Тоа се 13-те лица кои според Катастарот се заеднички сопственици на парцелата 302/10.

Изведувач на „Порта Аеродром“ е скопската фирма „Специјал градба“. Пишува и дека Одобрението за градење од општината е од 4 април 2018 година.

„Одобрението за градење на наведената локација е издадено на 19.3.2018 година и по 15 дена, односно на 5.4.2018 година станува правосилно. Инвеститорот е Порта инженеринг Груп“, потврдуваат од општина Аеродром за Радио МОФ.

Општинарите пред два дена рекоа дека станува збор за домување во станбени згради А2, колективно домување, од ДУП „Црква УЕ Б“. За детското игралиште, пак, соопштија дека се наоѓа на приватно земјиште, а сега ќе се префрли на зеленило во непосредна близина на постојното игралиште (подолу до улицата „Методија Шаторов-Шарло“, бивша „Руди Чајавец“).

Според ДУП-от „Црква УЕ Б“, локацијата отвора можност да се издигне објект (спојка) со максимална висина до 10 ката. Објектот би можел да биде во облик на буквата „С“, или ако се гледа од другата страна – како „П“, вид на „Порта“. Засега не е конкретно јасно како би изгледал објектот, визуелно, и како ќе биде поделен станбениот и деловен дел. Во планот, тој сегмент нумерички е запишан со 1.7.

Дознавме дека на дел од локалното население, години наназад, веќе им бил презентиран планот за „Портата“. Некои биле информирани, се делеле и флаери или постери во маалото, ама досега останало „само на муабет“.

Познато е дека со промената на урбанистичките планови, со тек на време повеќе жители од бараките во Стар Аеродром добија нови домови во нови згради. На потегот објекти подигнаа „Дабар“,„Адора“, „Голден Арт“, „Елена Лука“… Градежната експанзија повлече потреба за нова инфратруктура, постојано копање, а се создаде и сообраќаен хаос.

Дополнително ќе се анализира како овој дел ќе се справува со воздухот, светлината, зеленилото, со сообраќајот и паркинг-просторот. Со квалитетот на живот воопшто.

Извор: Радиомоф.мк

Коментари

Популарно