Што има Вардар, а го нема никој друг?

Сонот продолжува, но од Скопје се сели во Келн. Европскиот шампион РК Вардар, иако поразен пред своја публика, повторно во најдобрите 4 на стариот континент. Пред нов голем предизвик, да го направи она што никој досега не успеал. Да го одбрани тронот на Европа и дасе запише во историјата како првиот тим што не ја предал титулата.

Кога нешто такво не им успеало на Кил, Барселона... кога најбогатиот ПСЖ секогаш силниот Веспрем, сеуште немаат титула... станува уште појасно колку сонот на до пред неколку години „малиот“ Вардар е ГОЛЕМ, но не и неостварлив.

Ништо од ова, сепак, не е случајно. Нема Вардар којзнае колку вистински суперстар играчи. Да, Штербик е таков, веројатно и Дибиров и можеби Циндриќ. Еден ден ќе биде и Борозан, но засега не е во тој ранг. Останатите се момци кои, иако злато вредат, никогаш не биле во ниту еден избор за најдобри. Но, Раул Гонзалес токму такви бараше и доби. Доби играчи со ОГРОМНИ срца, кои никогаш не се штедат. Изгради тим и створи хемија што ракометниот свет досега не ја видел. Затоа лани Вардар во Келн беше изненадување. Никој не очекуваше пехарот да замине во Скопје. Барселона и ПСЖ беа фаворити, а од сенка се надеваше Веспрем, но најпрво Циндриќ, а потоа Чупиќ ги расплакаа Шпанците и Французите и највеќе нас, Македонците. Ни покажаа овие момци дека и не мора да се биде супер стар. Не мора да се биде најскап, најбогат, најценет, ако имаш срце и си спремен да го дадеш и последниот атом за своите соиграчи и својот тим. Ни покажаа што значи да се сака црвено црната, а ние му покажавме на светот колку го цениме тоа. Јане Сандански е салата во која никој, освен Вардар, не сака да игра. И повторно, има поголеми сали, има повеќе публика, имаат и реквизити и традиција на големи мечеви, но НЕ, го немаат она што го има Вардар. Никој нема публика како Вардар! Го покажаа тоа и девојките кога пред 10тина дена го одиграа последниот меч во Скопје и плачеа заедно со најверните. Нема пари што можат да го купат тоа. Нема ѕвезди кои можат да доживеат посилен момент во своите кариери. Кога публиката плаче со тебе, кога крајот ги боли сите во салата, тоа е врвот.

Сега не чекаат два Фајнал фор турнири и како и лани, така и сега, на двата Вардар со свој тим. Девојките како најголем фаворит за пехарот, за цреша на тортата и за пречек за збогум на плоштадот во Скопје. Момците овој пат како ШАМПИОНИ! Сами против 3 француски екипи. Богатиот ПСЖ, Нант со Кире Лазаров и изненадувањето на сезоната Монпеље. Ги нема Веспрем и Барселона од лани, го нема ниту Киелце, втор пат по ред нема германска екипа. Го губат Германците приматот за најсилна ракометна лига од Французите, но тоа нас не не интересира. Вардар оди во Келн во битка со историјата за остварување на невозможното. По одбрана на титулата и две Европски титули во ист град! Црвено-црна ракометна Европа и преполн плоштад за се што ни приреди најголемиот македонски спортски бренд!

Се гледаме во Келн и ве чекаме на плоштад,  Пацифист

Коментари

Популарно