Заев: Го отворивме како пупка!

Последен ден од Април 2018 година, утре е 1ви Мај, меѓународниот ден на трудот, но мојот впечаток е дека сеуште сме заглавени на први Април. Искрено се надевам дека сето ова што ни се случува е шега, затоа што другата опција е трагедија.

Во 11 годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ видовме и доживевме многу тешки моменти и грешни одлуки. Но, веројатно она што на крајот ќе се памети како најголема грешка на „режимот“ беа заробените медиуми и ПР машинеријата која секогаш спинуваше се што не им одговараше. Токму од тимот на Груевски научивме што значи спин. Сега секој од нас знае кога оние на власт се обидуваат да го пренасочат вниманието на народот, во нешто што за нив е подобра опција. Поучен од својот преходник и сегашниот премиер си изгради МАСИВЕН ПР тим, па дури и Министерство си склопи,  токму за таа намена и погреши! Не само што народот сега знае кога поранешните твитерџии, сега вработени во Влада, се обидуваат да го пренасочат вниманието од битни теми, па ќе откопаат слон за кој ете уште првиот ден знаат колку е стар, туку и нема потреба! Сериозно НЕМА потреба од сите тие „шерени револуционери“ на платниот список на Владата. На оваа Влада не и треба ПР, не и требаат спин експерти, тие се најдобри во тоа сами. Луѓево кои не водат, прават толку глупости што човек и да сака да се фокусира на една, не е можно!

Само во Април:

- ДУИ се пукаа пред седиштето на партијата, при што загина човек!

- Шилегов си ја укина забраната за паркирање на Водно и воведе скап паркинг

- Љубе Бошкоски стана советник за надворешени инвестиции, при што беше единствениот од пријавените на огласот за позицијата кој ги исполнувал условите! Зарем слаткар бараа?

- Пратениците гледаа фудбал во собрание на седница за интерпелација на владата

- Се донесе против уставен Закон за Јазици без разгледување на амандманите и со гласање на жими мајка, исто како при „изборот“ на тој што сега го викаат претседател на Собрание

- Истиот „претседател“ и типчено кое вели дека Македонија настанала како поклон на Тито си ги вработија дечињата во ЕЛЕМ

- Видовме барем 10 огласи за во јавна администрација во кои се бараше „масер“ за млад референт во министерство и слично

- Владата се задолжи пак и пак и пак

- Се играше чочек во тунел

- Заев најави отварање на уставот при влез во ЕУ, но и ако грчките граѓани имале потреба од гаранции

- Град Скопје ќе собира даноци и за подруми!

- Детено што си игра директор на Агенција за млади и спорт, издаде секси поезија. Беше уредник, ама не беше. Па ја испечати во 5.000 примероци, а сега не може да си ги најде. Тој каишот не знае да си го закопче(има и доказ фотка за тврдењево), ама дироктор е. Срцка!

- Заев изјави дека ние сме само дела од Регионот Македонија! Додаде дека еден дел е во Грција, а друг во Бугарија. Можеби во тој дел во Бугарија живеат луше кои се чувствуваат како Македонци, што е нивно право, додаде премиерот! Но, не излажа. Тоа оддамна не е нивно право! Бугарија не признава малцинство, а со договорот кој тој го потпиша Македонија се откажа од Македонците во Бугарија!

- Заев го отвори како пупка судскиот процес во кој се гони за барање на поткуп. Не било поткуп, тој само го мотивирал човекот да даде пари за изградба на црква! Секако, сето тоа од позиција на моќ, односно како градоначалник на Струмица.

- Баш братучед на премиерот започна милионски бизнис со Канабис во Македонија

Има уште многу, но дури и да се продолжам да набројувам, знам дека нема шанса се да ми текне. Толку се лоши, што станаа одличен СПИН сами на себе! Не може човек да им ги запомни сите глупости, ни за една седмица! Се отворија како пупки и си цветаат! Си грмат, а ние живот си живееме. Сеир си тегнеме и си гледаме како струмичанец не вози во бездна. Еден ден на нашите деца/внуци ќе треба да им објасниме зошто само се смеевме и ништо не превземавме...  Кога станува збор за одговорност, ние сме ненадминливи. Секогаш некој друг е крив. Беше Бранко, па Љубчо, Груевски, сега Заев. Кој ли ги гласа? Кој ли им дава власт? Ај овој „Бог го црпна“, ама претходните?

Математичарон, од „другата“ страна да не го спомнувам, зашто тој реално и не постои. Он е пресметана грешка. Непозната во 183та децимала.

За крај, честит 1ми Мај на сите чесни и трудољубиви.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно