Како се живее во поранешните ЈУ- републики: Македонија може да се „фали“ само во Косово и во Боснa

Платите, стапката на невработеност, бруто-домашниот производ по жител, се дел од показателите што покажуваат дека Словенија, Хрватска, Црна Гора и Србија успеале да обезбедат повисок стандард за своите граѓани од она што го обезбедиле сите влади за граѓаните на Македонија.

Просечната нето-плата во Македонија во февруари била 377 евра, во Србија 405 евра, во Босна и Херцеговина 434 евра, во Косово 450 евра, во Црна Гора 508 евра, во Хрватска 830 евра и во Словенија 1.060 евра. Ова се податоци од државните статистички институции од земјите од поранешна Југославија кои покажуваат дека македонските граѓани, 27 години по распадот на заедничката држава, имаат најниски плати. Единствено, споредба за платите не може да се направи со Косово, затоа што тамошната официјална статистика нема таков податок.

Секако, како што велат економистите, платите не се единственото мерило за оценка и компарација на животниот стандард. Но, за жал, и другите податоци се разочарувачки. Така, повисока стапка на невработеност од Македонија имаат само Босна и Херцеговина и  Косово. Во Македонија, според Анкетата на работна сила за четвртиот квартал од мината година, стапката на невработеност била 21,9 проценти. Во Косово, оваа стапка изнесувала дури 30,6 проценти, додека во Босна и Херцеговина 23,1 проценти. Но, другите земји се справуваат со помала невработеност, а Словенија речиси и да ја нема – таму стапката е 5,8 проценти. Потоа е Хрватска со 11,5 проценти, па Србија со 14,7 проценти и Црна Гора со 18 проценти невработеност во четвртиот квартал од минатата година.

Скромен бруто-општествен производ по жител

Евидентно е дека земјите што се членки на Европската Унија, Словенија и Хрватска, имаат подобри показатели за нето-плата и невработеност од другите земји. Ова се потврдува и со податокот за бруто-домашен производ по жител. Но, со оглед на тоа дека парите во различни земји имаат различна куповна моќ, ММФ и Светска банка прават споредбени анализи со таканаречен интернационален долар, креиран врз паритет на куповната моќ, така што во која било земја за исти пари може да се купи одредена кошничка на производи и услуги.

Според априлските проекции на ММФ за бруто-општествен производ по жител во 2018 година, Македонија со 15.662  интернационални долари е на 93-то место во листата од 191 земја. И по овој податок полошо котираат Босна и Херцеговина, која со 13.443 интернационални долари по жител се наоѓа на 97 место, и Косово кое со 11.016 интернационални долари е на 111 место. Најдобро, секако, котира Словенија, која е на 36 место на листата, со бруто-општествен производ по жител од 36.566 интернационални долари. Потоа е Хрватска на 61 место со 25.807 интернационални долари по жител, па Црна Гора на 78 место со 16.862 интернационални долари по жител и зад Македонија е Србија, која на листата се наоѓа на 86 место со 15.942 интернационални долари по жител.

 Што прави Владата?

Владата е свесна за нискиот животен стандард на населението во Македонија и тоа го потврдува со повеќе мерки, со цел зголемување на платите. Во таа насока се зголеми минималната плата, а ќе се субвенционира и исплатата на платите од 18.000 денари во трудоинтензивните гранки, како и повисоките износи од 18.000 денари кај новите вработувања.

Според  Институтот за економско истражување и политики „Фајненс тинк“, мерките за поттикнување на порастот на платите се позитивни сè додека произлегуваат од реален пораст на економијата.

– Мерката со која се субвенционираат 30 проценти од порастот на платите од 12.000 до 18.000 денари, како и субвенциите за порастот на платите над 18 илјади денари, мора да произлезат од поголемите приходи на фирмите, а поголемите приходи ќе произлезат од поголема продажба. Притоа, ако таа продажба доаѓа од странскиот пазар, тогаш имаме особено значајно робустно зголемување на додадената вредност во нашата економија. Тоа е сврзано и со концептот на развој на нашата економија: раст базиран на извозот и инвестициите, кој ќе обезбеди повеќе и поплатени работни места – велат од „Фајненс тинк“.

Оттаму објаснуваат дека на овој концепт може да се надоврзе и концептот за распределбата на доходот, но без претензија прашањата на распределбата да бидат доминантни или исклучиви, особено не во оваа фаза од развојот на економијата.

– Зголемувањето на минималната плата е во тој контекст. Уште во 2016 година, „Фајненс тинк“ пресмета дека оптималното ниво на минималната плата за 2017 година може да се движи до 11.700 денари, без да предизвика негативни ефекти врз економијата. Во 2017 година, минималната плата беше зголемена на 12.000 денари и истовремено беа понудени субвенции за порастот, со цел фирмите да може да го издржат тоа. Субвенциите останаа главно неискористени, што е и индиректна потврда дека фирмите можеа да го поднесат овој товар, со некои исклучоци во текстилната и кожарската индустрија во кои порастот на минималната плата беше поголем. Но, просторот за понатамошно нормирано наместо пазарно зголемување на минималната плата е значајно ограничен и во тој дел е потребна посебна внимателност – оценува Институтот.

И работодавачите се за повисоки плати

Дел од работодавачите веќе подолго време отворно зборуваат за тоа дека платите се ниски и дека за понудениот износ не може да најдат работници.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров потенцира дека субвенционирањето на зголемувањето на платите е времена мерка, односно дека за траен раст на платите е потребно зголемување на продуктивноста.

– Влијанието на мотивацијата врз работниците сосема малку ја зголемува продуктивноста, 1-2 проценти, додека релано продуктивноста се зголемува со употреба на нови, современи машини. Но, особено во текстилната индустрија, многу е дискутабилно дали некој ќе се осмели да инвестира. Прашање е дали ќе се најдат млади кои и за 18.000 денари ќе ја прифатат оваа работа, или пак ќе одлучат да заминат во странство-вели Димитров.

Тој, нагласува и дека мерките многу споро се спроведуваат, односно дека пакетот за еконосмки равој беше најавуван уште минатото лето, за подоцна да се зборува за ослободување на 50 милиони евра по предавањето на завршните сметки од фирмите, но тие пари, неколку месеци подоцна, уште не дојдоа до стопанствениците.

Tекстот е продуциран во рамките на проектот од „Фајненс тинк“, „Поттикнување економска дебата во Македонија, базирана на докази и водена од податоци“, во рамките на програмата „Цивика мобилитас“.

Весна Дамчевска

Коментари

Популарно