ВИДЕО: Ослободителна пресуда за Зоран Заев за „Поткуп“

На 25. јануари 2016-та  Зоран Заев за прв пат седна на обвинителна клупа за примање Поткуп.  По две години, е ослободен од вина. Судијата Дарко Тодоровски ја напиша и во преполната судска сала ја прочита пресудата.  Иако ја слушаше одлуката без никаква реакција, Заев вели ова бил трауматичен момент за него. 

„Трауматичен е моментот на изрекување пресуда, но среќен сум. Јас докажав невиност и дочекав правда. Очекував ослобителна пресуда, беше логично затоа што тоа се докажа во судската постапка од презентираните докази“ - изјави Заев.

Судскиот процес во кој Заев беше обвинет за мито од 160 000 евра кои наводно ги барал од струмички бизнисмен беше проследен со бројни одложувања, но и пресврт пред самиот крај. Од обвинет дека примил мито, делото на завршни зборови го смени обвинителката Валентина Бислимовска, во дело-барање мито. Главниот доказ- снимката од кабинетот со кој стартуваше овој процес, со преквалификацијата на делото беше исфрлена од листата на докази. Заев се уште инсистира да биде и јавно објавена целосната снимка.

„Немам снимка и барам ако имаат да ја достават, јас јавно ќе ја објавам или ако не може да ја достават, јавно нека ја објават.“ - изјави Заев за видео снимката.

Еден од клучните моменти во ослободителната пресуда е и фактот дека бизнисменот Иван Николов кој сакал да легализира градежно земјиште не платил на Заев ниту евро. Николов го поттикнувал Заев да зборува за мито откако МВР и обвинителот ќе го опремеле со тајна камера во неговото палто.

Пресудата за предметот Поткуп влегува во историјата како прв случај во кој му се суди на актуелен премиер, кој стана обвинет во време на опозициски лидер.  Ослободителната пресуда на Заев ја „најави“ поранешниот премиер Никола Груевски. Тој го обвинуваше Заев за дил со судиите. Актуелниот премиер денеска му порача дека веќе не постои контролираното судство кое Груевски го познавал. Од опозицијата порачаа дека  ослободителната пресуда е неправда  и судот има двојни аршини. А, пораката која се испраќа е дека законите не важат за СДСМ и функционерите и дека судот е алатка за пресметка на власта со неистомислениците.

Коментари

Популарно