Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее

Планот беше денеска да пишувам анализа за договорот со Грција. Чекав да биде потпишан, па мојата анализа да ја преточам во текст до јавноста, но случувањата пред собранието синоќа имаат предност и знак ИТНО. Анализата може да почека, секако има време до референдумот и изјаснувањето на народот. Сега за солзавецот и шок бомбите...

Кога пред 2-3 години СДСМ подржана од „шарената револуција“ излезе на улица да бара власт, пишував дека со тоа се крши уставниот поредок и предупредував дека власт освоена на улица се губи токму на улица. Како си дошол, така ќе си одиш. Секако, моите текстови не им се допаднаа на „прогресивците“, „револуционерите“, „борците против режимот“... Нема да им се допадне ни овој текст, но тоа е нивни проблем.

Не бев вчера на улица. Не бев пред собрание. Не можам од прва рака да ве информирам што се случи. Ги гледав сите видеа кои се појавија по медиумите и на социјалмите мрежи. Мојот впечаток од прегледувањето е дека дел од демонстрантите ја срушија оградата пред собранието и ја нападна полицијата, која одговорои на нападот. Секогаш сум стоел зад тоа дека ако полицијата е нападната, реакција мора да има. Стојам зад тие зборови и сега. Ако фрлите камен врз полицаец, макар само еден, полицијата мора да реагира. МОРА! Го пишував ова и кога „шарените“ напаѓаа полицајци, го пишувам и сега. Од таа причина, првичната реакција на полицијата на вчерашните протести пред собранието  потполно ја оправдувам. Ако се завршеше тука, сега ќе пишував анализа на дооворот, но полицијата реши да покаже прекумерена сила и да ги гони демонстрантите и во ГТЦ! Тука МВР покажа дека не се работи за самоодбрана и заштита на институциите или уставниот поредок, туку намера да ги заплаши демонстрантите. Да го заплаши народот решен да демонстрира вчера, но и во наредните денови. Потег сличен на оној при протестите на „шарените“ кога припадници на МВР влетаа во читална и преплашија и повредија студенти кои учеа таму. Полициска држва, режим, полициска бруталност , беа зборовите со кои се опишуваше тој чин. Се сложив тогаш, се сложувам и денеска со тие кои тврдат дека и вчера се случи истото. Разликата е што тогаш се сложував со едни, а денеска со други. Сите оние кои го осудуваа потегот на полицајците кои тогаш влетаа во читалната на Партизанска, денеска молчат или ја опрадвуваат вчерашна акција на полицијата. И обратно, оние кои ја оправдаа тогаш акцијата на полицијата, денеска ја осудуваат вчерашната. Така е тоа во Македонија. Не е важна акцијата, дејството, туку кој го превзема. Не се важни пендраците и шок бомбите, туку на кој му се удрени. Јавниот суд е поделен, како и општеството во кое едните се „прогресивци/предавници“, а другите „патриоти/фашисти“.  Не е важна содржината, ниту средствата, туку целта. Онаа на сопствената група  и  секако, личната корист. Затоа денеска „шарените“ кои во меѓувреме лапнаа позиции, од своите меки фотељи ја подржуваат вчерашната акција на полицијата. Ги исмеваат повредените и ги демонизираат сите кои протестираат. Од друга страна имаме вџашени „интелектуалци“ од вчерашната полициска бруталност, кои кога „шарените“ протестираа бараа гумени куршуми. Ретки се ликови кои останаа доследни на своите ставови. Ги има, но ретки се!

9 повредени и 25 приведени е официјалниот биланс од синоќешните немири, но штетата е многу поголема. Намерата на полицијата да ги уплаши демонстрантите не помина, па секој следен судир ќе биде многу пожесток.  Сега толпата ќе биде подготвена за судир, спремна за контра офанзива и многу побројна. МВР погреши и ќе ја плати грешката, на овој или на оној начин.

Можеби целта беше токму тоа. Да се испровоцира судир на улица, со цел да се демонизираат сите оние кои се против промена на името. Истите да бидат преставени како радикали кои сакаат немири, место ЕУ, но не помина. Некои медиуми отидоа до таму што објавија дека демонстрантите фрлале шок бомби, но заборавија дека не сме 17 век и дека секој човек со себе има мобилен со одлична камера. Никој веќе не чека вести на Тв, туку отвара ФБ, Твитер, портали  и гледа што навистина се случило. Народот виде дека полицијата претера. Виде повредени жени, виде шок бомби, созлавец, виде полицајци со извадени пендраци и чудни пушки во рацете! Виде мининстерство за внатрешни работи, а преку тоа и Влада, спремна со сила да го брани својот начин на работа. Или со зборови на „шарените“, виде РЕЖИМ. РЕЖИМ што потпиша договор за промена на име и Устав,  спремен да го брани истиот со ШОК БОМБИ и страв.

Сега на сите им е јасно дека на власт и околу неа имаме нов РЕЖИМ, кој во име на СОЖИВОТ и ЖИВОТ за СИТЕ, е спремен да ги демонизира, навредува и потценува сите оние кои не мислат како нив. Како и во времето на Груевски, така и денеска, секој кој не се сложува со Заев и заевистите е оцрнет и исмеан. Начинот на кој СДСМ дојде на власт, е истиот со кој сега се обидува да владее. Разликата е што тогаш методот го употребуваа на ВМРО ДПМНЕ, а сега на дел од народот кој е против промена на името на државата, промена на уставот и историјата. ВМРО не го издржа налетот и се сруши како кула од карти. Дали народот кој не се сложува со договорот со Грција ќе издржи и колкав е бројот на граѓаните решени да го бранат името, ќе видиме. Дали Заев ќе го дочека референдумот или ќе ја загуби власта, на истиот начин накој ја доби (на улица) набрзо ќе дознаеме.

Во меѓувреме, ги повикувам сите кои се решени да го бранат името, уставот и историјата на улица, да не дозволуваат или провоцираат судири со полицијата. Полицајците не се криви за нипто, Тие само си ја вршат работата за која се платени.

Автор: Пацифист

Ставот изразен во текстот е на авторот и не мора да се совпаѓаат со ставовите на редакцијата на Засе.мк.

Коментари

Популарно