(ФОТО) Скопје го доби првиот приватен забавен парк за кучиња

Забавниот парк нуди парк за вежбање и игра, базен со прскалки, фризерница за миленичиња, петшоп, кафуле за релаксација и обезбеден паркинг.

На пет километри од центарот на Скопје, во населбата Бардовци, се отвори првиот приватен забавен парк за кучиња „АвАв Хепи Дог Центар“, каде кучињата во контролирана средина ќе можат да тренираат и да се забавуваат.

– Уште од најмали години бевме воспитувани и учени да се однесуваме со нега и почит кон животните, па така тоа го применивме тоа во животот и оттаму идејата за овој проект со цел да си го оствариме сонот, а нашиот сон е социјално претприемништво, односно нега, помагање на оние коишто не можат сами, во случајов бездомните кучиња. Свесни сме дека не можеме со еден ваков стационар да направиме многу, но се надеваме дека овој модел ќе биде пример и за другите општини, градови па дури и за цела Македонија – ни изјави Наде Богоевска, основач и управител на „АвАв Хепи Дог Центар“

Забавниот парк нуди парк за вежбање и игра, базен со прскалки, фризерница за миленичиња, петшоп, кафуле за релаксација и обезбеден паркинг.

– Едноставно сакавме да работиме со повисока цел, комерцијалниот пристап не е доволен за нас. Сакаме да додадеме човечка, односно хумана компонента и да помогнеме во решавањето на овој општествен проблем, и развивање на љубов и грижа кон животните, а тоа по дефиниција е социјално претприемништво. Впрочем и мисијата на „АвАв Хепи Дог“ како компанија е да се подобри квалитетот на животот на кучињата и трајно вдомување на уличните кучиња преку нивно времено згрижување, а воедно и создавање на пријатен простор со многу содржини за едукација, забава и игра на домашните миленичиња и нивните сопственици, со цел на едно место да се најдат сите потребни производи и услуги – истакна Михаела Поповиќ, вториот основач на „АвАв Хепи Дог Центар“.

Коментари

Популарно