Грција денеска ќе ги извести ЕУ и НАТО дека Македонија може да продолжи со интеграциите

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас ги подготвува писмата до ЕУ и НАТО. Писмата кои најави дека денес ќе ги потпише, а утре ќе ги испрати се потврда дека Грција нема да и го попречува патот на Македонија кој ЕУ и НАТО - по ратификацијата на договорот, пренесуваат грчките медиуми. Потписот на Коѕијас ќе значи дека Грција го исполнила својот дел од обврските кои ги имала со Договорот за името.

Но, дали Македонија ќе добие зелено светло, зависи само од земјите члени на ЕУ - истакна Коѕијас.

„Одбрав да ги потпишам на самитот во Брисел во недела, за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред. Но за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“. Франција и Холандија се против во овој момент да се даде датум за почеток на преговори со ЕУ“ - вели Коѕијас

Писмо „адресирано“ до Брисел испрати министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска. Во него бара поддршка за Македонија да добие покана за членство во НАТО на Самитот во јули, со оглед на фактот дека Северноатланскиот совет веќе ја стави поканата на Македонија на дневен ред.

„Ви пишувам по постигнувањето на историскиот договор околу спорот за името со Грција. Оваа пречка за нашата евроатлантска интеграција е отстранета. Ја барам вашата поддршка за Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит. Беше потребна храброст, лидерство и дипломатија за да се постигне оваа цел – од двете страни. Нашиот народ е обединет и недвосмислен во желбата да станеме дел од НАТО и ЕУ, со доследна поддршка од повеќе од 75 отсто од нашите граѓани“ - стои во писмото на Шекеринска.

Тврдите ставови на Франција дека Унијата се уште не е подготвена за нови членки, се обиде да ги омекне Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кој побара од Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, пишува во соопштението на Стејт департментот.

Свој став за европските и евроатлантски интеграции на Македонија изнесе и Владимир Чижов - руски дипломат во ЕУ. Тој истакна дека Русија не е против проширувањето на ЕУ, но влез во НАТО би било грешка со големи последици.

„Се разбира, нема да фрлиме нуклеарни бомби…Како што реков, секоја земја има право да носи одлуки и да прави сопствени грешки. Но, има грешки…Има грешки кои имаат последици” - вели Чижов.

Премиерот Зоран Заев пак, за српскиот весник „Политика“ изјави дека е оптимист дека ќе имаме успешен референдум и дека тоа би било успех и за граѓаните на Македонија.

До септември за кога се најавува спроведување на Референдум, останува прашањето, како ќе се изјаснат граѓаните и дали Заев и Ципрас ќе добијат „позитивна оценка“ за  постигнатиот договор за името.

Коментари

Популарно