„Еј Томе дај некој денар“ – ќе му залепам шамар, ако син ми проба да ме вика по име

Ако мојот син ми се обрати со „Томе“, ќе му залепам шамар да ме запамети додека е жив. Тоа е непочитување. Јас сум му татко, а не комшија или другар, вели еден татко на малолетно дете.

Секој родител со нетрпение очекува да ги слушне првите зборови како „мама“ и „тато“, но има деца кои повеќе практикуваат и сакаат своите родители да ги викаат по име, па се поставува прашањето дали е тоа добро и дали се руши авторитетот на родителите кај децата.

Томе е татко на десет годишно дете . Се смeта за строг родител, но пред се правичен.

-Понекогаш сум строг, но тоа е за негово добро. Пред се мора да научи да си ги почитува родителите. Не би дозволил да ме вика по име, јас не сум му комшија, вели тој.

Сепак има родители кои не се истомисленици на Томе. Марина е мајка на три деца и смета дека воопшто не е важно како и се обраќаат тие.

-Сметам дека обраќањето со име е најмалиот проблем. Ако имате квалитетен и отворен однос со своето дете најмал проблем е тоа како тоа дете ќе ви се обраќа. Денес сум Марина, утре мама, задутре мајко. Мене не ми пречи да ме викаат по име, вели таа.

Психолозите сметаат дека проблемот се појавува во оние семејства каде се нарушени односите помеѓу родителот и детето.

Важно е родителот да знае како да допре до своето дете. Битно е да постои почит, помеѓу родителот и детето. Со добриот пристап и однос, детето и родителот ќе си се викаат онака како им одговара, татичко, мамче, мамичко. Секое дете барем еднаш се обидело да се обрати кон својот родител по име, но тоа треба навремено да се објасни на детето зошто тоа не е добро. Ако сите од фамилијата си ги викаме по име, на некој начин се губи семејниот однос, вели психологот Александра.

Коментари

Популарно