Дарко Панчев со жесток одговор на обвинувањата на Грнчаров

П

оранешниот капитен на Вардар и поранешен македонски репрезентативец, Бобан Грнчаров во изминатиот период во неколку наврати имаше негативни коментари за македонската фудбалска легенда Дарко Панчев и неговата работа на функцијата спортски директор на ФК Вардар. Грнчаров го обвини Панчев дека не е способен да донесе играчи во клубот, дека не се појавувал и не ги гледал натпреварите и го повика да си даде оставка за, како што рече, да не го уназадува Вардар. Грнчаров пред два дена на својот Фејсбук профил го искоментира и отказот за Бобан Бабунски велејќи дека така се работи и дека од Вардар треба да си замине и Панчев, навредувајќи го и нарекувајќи го „болесник“.

Либертас побара коментар од Дарко Панчев за обвинувањата и навредите. Неговиот став ви го пренесуваме во продолжение:

Немам намера да полемизирам или да му докажувам на било кого како работам и колку знам, но мислам дека треба да му одговорам во врска со прозивките на екс играчот на Вардар, Грнчаров, со ништо прозван во последните 10-тина дена. Читајќи ги сите глупости и смешки што ги кажува, човек добива впечаток дека ги чита бајките на Ханс Кристијан Андерсен, или авантурите на Баронот Минхаузен.

Кај нас има една стара поговорка која вели: На човек се можеш да му дадеш, само памет не можеш.

Навистина сите не изненади со својата „интелегенција“ затоа што за кратко време по кариерата сфатил дека најлесен начин да биде присутен во јавноста е да зборува и тресе глупости против мене и така му е загарантирана неколкудневна присутност во јавноста. Инаку, никој не се ни сетил да го побара за да го праша нешто нормално околу фудбалот или за стручно мислење.

Јас лично го познавам татко му и дури како млад играч и играв со него, кој според мене беше подобар играч од син му, а изгледа и многу подобар човек, но, ете син му се погодил на некој што не треба.

Толку околу интелегенцијата на Грнчарови. Сега би му одговорил на некои прозивки кои ги кажа.

Прво: Кажува дека не ме видел на работа?

Јас не знам како досега не му кажале дека канцелариите на Вардар се во парк, во академијата на Вардар. Таму сме секојдневно на работа и можел да не види кога сака.

Второ: Кажува дека одкога сум дошол, Шкендија ни избегала дури 34 бода?

Јас не знам дали е тоа срамота за мене, кој не играл ниеден натпревар или е срамота за него кој беше меѓу најстандарните играчи. Колку што се сеќавам никој од управата не им кажал нему и на другите да не играат добро или можеби тој знае нешто друго? Нека каже ако има нешто такво.

Трето: Вика дека сум бил слаб директор?

Се сложувам со него, еве јас ваков никаков, со клубот успеав да се пласирам во групна фаза на лига Европа. Е сега, клубот нека донесе некој подобар, и нека го направи истото, ама, да ми јават кога ќе го направат тоа. А јас, му посакувам еден ден ако и тој биде спортски директор, да биде исто вака слаб како мене.

Четврто: Кажува – добро што повторно газдата и извршниот директор почнале да носат играчи?

Баш затоа и беше мојата реакција, бидејќи кога секој би си ја работел својата работа, клубот би функционирал подобро. Но, за тоа како функционира клубот со сите свои односи внатре, а се на штета на професионализмот и напредокот на Вардар во некоја друга прилика, кога ќе дојде време за тоа, бидејќи публиката и јавноста не знаат многу работи, а Вардар е на сите нас и еден ден треба да дознаат кој, колку и што прави за клубот.

Петто: Викаш дека Јаневски си отишол заради мене бидејќи сум се мешал во екипата и составот?

Некој добро те поднаучил што и како да измислуваш бидејќи ти тешко можеш сето ова да го смислиш. За да сфатиш дека никогаш не сум му се мешал во составот, ќе ти кажам само една работа.

Ако јас го правев составот, ти немаше никогаш да бидеш во него, а обратно беше меѓу најстандардните играчи.

Мислам дека ти е сега јасно дека не се мешав.

Во фудбалската јавност мене ме паметат по тоа што сум бил, но, и по огромните успеси и трофеи позади мене. Во фудбалските кулоари за тебе не сум слушнал друго освен дека си бил добар со алкохолот и дека ќе те паметат како еден од подобрите местачи во фудбалот.

Но, секој од нас ја градел својата кариера и имиџот според своите можности.

И на крај, да се заблагодарам на порталот „Либертас“ кој ми даде можност да одговорам на овие глупости/провокации, бидејки таму каде што бев прозван, (во спорт 1.мк) не ми беше дозволено затоа што истиот тој Грнчаров е и ко-сопственик на порталот.

Додека прозивката во новиот весник (Спорт) изрежирана од него и главниот уредник на овој весник е нешто нормално за мене, затоа што уредникот на „Спорт“ обожава да ме „фали“ во неговиот весник и неговиот портал „Спорт Медиа“ посебно откако од Вардар си отиде неговиот миленик Седлоски, бидејќи така му се скратила можноста да продава играчи, како што зборуваат во фудбалските кулоари дека човекот истовремено си бил и новинар и менаџер. Инаку со овој стил на работа, истиот уредник веќе го згасна весникот „Македонски спорт“, но за жал, тој начин на работа не го напушта, и продолжува со лажни вести и инсинуации и тресење глупости се додека не го затвори и новиов весник. Инаку, да ја потсетам јавноста дека овој уредник е еден од омилените новинари на еден наш бизнисмен кој е многу близок до нашиот газда, кој случајно или не и во 2007 година кога бев во Вардар (во познатата битка помеѓу Боро и Брацо) тој беше еден од главните промотери во кампањата против мене.

Дали почнува да се повторува такво нешто, ќе видиме, ќе покаже времето.

Сега ми е најважно да се сконцентрираме на резултатите на нашиот Вардар.

Ова е тоа што се случува е изворно од мене и секој сам нека процени дали треба да верува. Благодарам и поздрав!

Коментари

Популарно