И во Македонија се бараат сезонски работници: Дневно може да се заработи по 700, 800 и 1000 денари

Во земјава се бараат сезонски работници за берба на јаболка, грозје и аронија и друго овошје во Ресен, Преспа, Берово и Кавадарци.

Побарувачката за сезонски работници ќе биде најголема во ресенско-преспанскиот регион каде на есен ќе бидат потребни над 1000 берачи на јаболка.

Во Преспа бербата почнува на 27 септември. Се бере до 1 ноември, четири ли пет недели, но ако се погоди една недела да врне, тогаш се пролонгира. Сезонците заработуваат по 800, 900 до 1000 денари, а со газдите договараат дали ќе има оброк или сместување. Имаме луѓе од Источна Македонија, кои се вработени од Кочани, Свети Николе и тие земаат одмор, доаѓаат овде и берат јаболка. Но, тоа не е организирано, туку е стихијно. Доаѓаа и луѓе од Албанија, и Македонци и Албанци, но сега тие се заминати во Италија, Грција на работа и ги нема – вели за Фактор.мк Љубе Пампулевски, претседател на Здружение на овоштари “Благој Котларовски“ од Ресен.

Во беровскиот крај производителите на аронија мака мачат да пронајдат работници, надницата која работниците ја добиваат зависи од собраната количина.

И во останатите држави од Балканот, се бараат работници. Во Србија за берба на малини се исплаќаат дневници од 2.000 динари, односно 1000 македонски денари.

Чисто за споредба, за собирање на малини во Финска плаќаат до 200 евра на ден.

Коментари

Популарно