Дурмишовски од Велес згрижиле 37 деца, велат со полна куќа радост ги учиме на живот

Децата нема да донесат тага, напротив ќе бидат среќни, велат велешаните Исмаил и Бенас Дурмишовски, кои 14 години се згрижувачко семејство и одгледале 37 деца (Фото: СДК.МК)

На улица Богдан Каракостев, 97 во Велес  живее семејството Дурмишовски.  Од нивниот дом се пружа прекрасен поглед на стариот дел на градот, поглед многу  вреден и скап, но во домот на ова велешко згрижувачко семејство владее хармонија, љубов, другарство кое нема цена со која може да се плати.  Освен Исмаил и Бенас Дурмишовски, со нив се и четирите згрижени деца, 12-годишниот Емануел кој е со нив од свои 6 месеци, Стефанка еден месец е тука, Ѓулбера  има 15 и Мирадија 12 години.

Исмаил работел во велешка „Порцеланка“ и сега е пензионер. Како згрижувачко семејство започнале  од 2004 и продолжиле  до денес, цели 14 години.

12-годишниот Емануел, кои кај Дурмишовски е од бебе на 6 месеци, свири пијано во музичкото училиште, но иако дома немаат пијано тој победува на натпревари во Македонија, Србија, Бугарија (Фото: СДК.МК)

„Потекнуваме од такво семејство каде љубовта царуваше, посебно кон децата. Не сме навикнати сами да живееме. Ние изродивме три деца – еден син и две ќерки, сите мажени и женети и имаме и внуци. Синот Ирфан живее со мене во куќата и тој прифати да биде згрижувач. Има две свои деца заедно со уште три  кои се згрижени кај него, така вкупно во дворот имаме девет деца. Не ги делиме од син, дојдени, сите ни се исти, за сите имаме љубов разбирање, грижа“, вели  Исмаил кој има 64 години, а неговата сопруга Бенас има 60.

За овие изминати 14 години Дурмишовски одгледале 37 деца, толку  заминале од нивната куќа, некои останале подолго, некои интервентно, но сите оставиле трага во нивните  срца. Имале  случаи да чуваат и мајки со деца жртви на семејно насилство, со домашни проблеми. Тука биле месец-два, па заминале.

„Полна куќа деца за нас е радост. Не ги делам децата дали се внуци од син или другите. Куќата е полна со смеење, никогаш не сме со нервози, кавги, полна е со љубов. Без деца ни е пусто кога се на школо. Морам да се заблагодарам на нивните наставници и професори, педагозите, кои не се штедат да им помогнат, оти дома не можеме да им помогнеме многу во учењето.  На училиште се одлични и многу добри“, вели  Бенас.

„Нема поделба по национална основа кај децата, едното девојче е Македонка, трите се Роми, но тие меѓусебно се браќа и сестри. Зборуваме на македонски јазик иако сме Роми, децата едно без друго не можат, неразделни се“, велат Дурмишовски; – дипломите од натпреварите на Емануел (Фото: СДК.МК)

Таа се грижи за оброците и за храната нема никаков проблем, сите јадат што ќе се зготви, нема не сакам, не јадам. Сите деца се добро воспитани, при посетата учтиво дојдоа се претставија, поздравија, поседоа и потоа продолжија да си играат. Хигиената во домот  е на високо ниво, за неа се грижат сите без исклучок. Децата одат со Исмаил при пазарувањето, помагаат без двоумење.

Најмладиот Емануел свири пијано во музичкото училиште,  но иако дома немаат пијано тој победува на натпревари во Македонија, Србија, Бугарија.

„Ги учиме на живот, да знаат што ги чека. Тешко ни е кога мора да си заминат, тоа е болно. Но знаеме дека се од друго семејство и еден ден ќе си одат. Некои од децата си ги знаат биолошките родители. Нема поделба по национална основа кај децата, едното девојче е Македонка, трите се Роми, но тие меѓусебно се браќа и сестри. Зборуваме на македонски јазик иако сме Роми, децата едно без друго не можат, неразделни се. Излегуваат в  чаршија со другарки и во 22,30 се дома, никогаш не промашиле“, додава Бенас.

Иако е куќата полна со детски жагор, сите си имаат ред, ги знаат и почитуваат обврските, помагаат на „баба Бенас“, како што ја викаат.  Нема  ниту караници околу  тв програмата, еден ако ја гледа серијата, филмот и другите го гледаат истото, или ако има спорт, нема поделби, карања, недоразбирања. Сите навиваат за истата екипа.

„Децата нема да донесат тага, напротив ќе бидат среќни. Знаат да запеат, играат, карање во куќата нема. Греота е деца да има на улица запоставени, затоа нека им помагаат, нека ги згрижат, животот ќе им се смени. Велат јас со едно не можам да се справам, а не повеќе. Не е така, ако се има љубов кон децата сѐ се може“, вели  Исмаил.

Едно од  првите деца кои дошле  кај Дурмишовски сега е веќе мажена, има три деца и често со нив им доаѓа на гости.

„Тоа е најголемата благодарност за нашиот труд  да им помогнеме кога е најтешко на децата оставени од родителите“, велат сопрузите Дурмишовски.

П. ПЕЧКОВ  

Коментари

Популарно