Свест за грешноста

Кај слепите во денешното евангелие (види: Матеј 9, 27–35) ја забележуваме свеста дека се слепи и дека треба да се ослободат од тоа слепило. Слепите веруваат дека Богочовекот Христос може да ги исцели.

Свесноста за својата грешност и свесноста дека само Бог може да нѐ исцели од неа се основните темели на православниот духовен живот.

Истото важи и за сите нас. Треба да знаеме дека духовно сме слепи (немаме умно-срдечна молитва и просветлен ум), треба да веруваме дека Христос може да нè исцели и треба оваа наша вера да ја докажеме со што почесто призивање на името Исусово, без да дозволиме некој или нешто да нè попречува.

Кога постепено, преку молитвениот подвиг ќе почнеме да ја чистиме енергијата на умот, тоа ќе ни овозможи да согледаме каде се наоѓаме, да видиме дека сме слепи, дека сме паднати во однос на Христовиот идеал и уште посилно да повикаме кон Него.

Но, внимавајте, ако знаењето што останува од првото очистување на енергијата на умот го употребиме за да ги гледаме и судиме туѓата грешност и слепило, тогаш го одбираме погрешниот пат, кој нè враќа многу назад.

Зошто го повторувам ова повеќепати? Затоа што сите токму тука грешиме.

Без дарот на умно-срдечна молитва и просветлувањето на умот, ние сме едни обични слепци. Не дај Боже, да станеме и слепи водачи на слепци, таквото слепило човек не може да го излечи.

Оние што се наоѓаат на степенот на просветленост, исто така, се чувствуваат како слепи во однос на оние што со своите преобразени телесни очи ја гледаат несоздадената божествена светлина, дури и повеќе отколку што своето слепило го чувствуваат вистински духовно слепите од степенот на чистење на срцето од страстите.

Колку сме поблиску до вистинската Светлина, толку подобро ја забележуваме нашата извалканост од демонската гордост, нашата внатрешна поделеност – која и меѓу ближните ја рефлектираме, нашата насоченост надвор од себе, немањето мир и отсуството на Божја љубов во нас.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментари

Популарно