Mинистерството за финансии крие од каде пари за кампањата за Референдум

Министерството за финансии не дава податоци колку некое од министерствата или другите државни институции до сега доставило до нив извештај колку пари имаат на располагање за референдумската кампања. Од Финансии велат дека очекуваат овие информации да бидат комуницирани од страна на Владата, додека од Владата велат дека парите што министерствата ќе ги издвојат за кампањата нема да бидат средства од предвидените проекти. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека фактот дека не се знае колку пари ќе бидат потрошени за кампањата и од каде конкретно ќе се обезбедат, остава простор за манипулација.

- Презентацијата на одлуката на Владата од страна на портпаролот беше целосно нетранспарентна. Ова прашање може да скрие и другите цели, да не бидат транспарентни. Кога станува збор за буџетски промени, Владата мора да излезе со многу прецизни информации. Прво, треба да излезе со буџет за тоа колку ќе ја чини пропагандата за референдумот, а потоа Министерството за финансии да подготви сметка од која позиција тие ќе бидат земени и каде ќе одат. Тоа може да им сугерира на министерствата и на сите други корисници на државниот буџет да одделат од некоја позиција. Не се знае за колку пари станува збор, ако е за 100.000 денари тоа е нешто друго, од презентацијата на портпаролот, ниту пак се знае некоја основна информација за тоа колку пари ќе бидат потребни – изјави Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Експертите предвидуваат дека овие средства што министерствата ќе ги издвојат за референдумската кампања најверојатно ќе бидат од средствата за репрезентација, односно од средства посветени за ручеци, вечери и патувања. Владата веќе започна со референдумската кампања. Вчера премиерот Зоран Заев се сретна со претставниците на македонската дијаспора од Италија, Хрватска, САД, Словенија, Германија, Луксембург и Швајцарија за да побара поддршка за референдумот да биде успешен.

На социјалните мрежи, организацијата „Млади за Македонија“ ја започна иницијативата за собирање потписи за бојкот на референдумот. Се уште не се знае дали опозициската ВМРО – ДПМНЕ ќе иницира кампања против референдумот. Додека датумот на референдумот се приближува, Избирачкиот список од страна на ДИК се ажурира. До 13 часот вчера, 116 лица се отстранети од Списокот, додека јавен увид во канцелариите на ДИК извршиле 2.179 лица.

Коментари

Популарно