ПМГ Рекордингс слави 20 години постоење

На 6 октомври 2018, во Младинскиот културен центар со почеток од 20 часот, ќе се одржи осмото издание на ПМГ Рекордингс Фестивал – Сонична младост, кој оваа година ќе помине во знакот на јубилејните 20 години од основањето и успешната работа на независната издавачка куќа „ПМГ Рекордингс“.

Како и во претходните седум изданија, посетени од околу 15 000 посетители, најзначајниот аспект на овој фестивал останува прославувањето и широката афирмација на македонската современа музика, која е основан двигател и „жив“ фактор на културната сцена во новиот век.  

Во тој правец, длабоко верувајќи во сериозната потреба за музичко издаваштво, издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“ со особен ентузијазам, од 1998 до денеска има издадено импозантни 160 изданија проследени со концертни промоции, а беше и останува дел од безброј концерти, забави, фестивали, театарски претстави, радиодрами, изложби и други културолошки случувања во Македонија. Како круна на долгогодишната и неуморна работа на оваа дискографска куќа, ПМГ Рекордингс Фестивал – Сонична младост ќе биде реализиран на три подиуми за танц, од кои два со електронска музика и еден со бендови во живо.

На фестивалот ќе настапат голем број звучни музички имиња како што се миленикот на македонската клупска публика - познатиот британски диџеј Terry Francis, стариот добар пријател на скопските клабери - Диџеј Лале, Мирко Попов, Нино Наумов, Душко Јаневски, Galatheia, Виолета Качакова, Роботек, Boxitron, ПМГ Колектив, Сетстат, Дупер, Свемирко и Local Blue. Oсмото издание на целовечерниот ПМГ Рекордингс Фестивал – Сонична младост во МКЦ е поддржано од „Златен Даб“, а организаторите најавуваат врвно визуелно доживување како важен елемент на предвидените музички перформанси.

Влезот за настанот ќе биде бесплатен.

Коментари

Популарно