ДИК нема да го прогласи референдумот за успешен или не - Собранието ќе си решава по своја желба

На вчерашниот брифинг со новинарите, членовите на ДИК кажаа дека на референдумот на гласање треба да излезат половина од запишаните избирачи плус еден и половина од излезените плус еден да гласаат „за“. Тоа се двата услова кои треба да бидат исполнети на претстојниот консултативен референдум на 30 септември, велат од ДИК.

Од ДИК велат дека има разлика помеѓу консултативниот и обврзувачкиот референдум.

За задолжителен, обврзувачки референдум потребно е апсолутно мнозинство, односно 50 отсто плус 1 од гласачите треба да се „за“. Според Уставот тоа е во случај на менување граница, стапување во сојуз со други држави, за конфедерација.

Од ДИК велат дека кога ќе завршат преговорите за членство во ЕУ, во Македонија ќе треба да се распише уште еден референдум за членство во Унијата и тој мора да е задолжителен. За членство во НАТО Македонија веќе донесе одлука во Собранието во 1993 година.

Од ДИК велат дека на 30. септември односно 1.октомври ќе се соопштат само техничките резултати, а референдумот нема да биде прогласен за успешен или неуспешен.

Од ова произлегува дека за консултативниот референдум распишан за 30 септември правилото 50%+1 глас не важи, односно ДИК по пребројување на гласовите не може да прогласи дали изјаснувањето на граѓаните успеало или не и дека таа задача очигледно ќе остане на политичарите.

А во тој случај се отвора голем простор за тоа што може да биде успешен, а што неуспешен. Односно дали е успешен ако има цензус без разлика на тоа кој за што гласал, или пак успешен е и ако нема цензус, ама повеќе гласови има „за“.

Во тој случај, кога консултацијата со народот ќе се прогласи за успешна (без цензус), владини претставници веќе најавија дека тоа значи дека претставниците на народот, Собранието и Владата, ќе мора да ја донесат конечната одлука. А за тоа, за уставните измени како еден од условите на Спогодбата со Грција, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието.

Коментари

Популарно