Најубавата југословенска актерка починала од предозираност во тешка сиромаштија

Пред точно десет години речиси сите медиуми во регионот пишуваа за смртта на Соња Савиќ. Легендарната југословенска актерка починала доцна навечер на 23-ти септември 2008 година, во 47-мата година, од предозираност од хероин.

Иконата на осумдесеттите починала во Белград, а соседите кои повикале Итна помош наводно тврделе дека во станот немало мебел освен еден душек на кој актерката спиела. Наводно, околу неа пронашле куп искористени шприцеви, а приказната за зависноста на Савиќ започнала кон почетокот на деведесеттите.

Таа започнала професионално да се занимава со актерство уште на 16 години, а веќе на 21-на година дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Белград. Кон почетокот на осумдесеттите дошле нејзините "пет минути", а во период од две и пол години таа снимила пет филмови кои оставиле огромен печат во југословенската кинематографија.

Лицето и погледот на Соња Савиќ биле незаборавни за сите кои ја гледале во живо на телевизија и на филмското платно, а набрзо ја добила титулата за најубава југословенска актерка.

Сцените во филмот "Una" кој настанал по романот на Момо Капор се незаборавни. Филмот зборува за љубовта помеѓу професорот Мишел Бабиќ и неговата студентка Уна Војдовиќ,а сцената од голата Савиќ која јаде цреши на балконот и го заведува професорот во текот на интервјуто на многумина им е врежана во сеќавањето.

Освен во "Una", Соња се појавила во култни југословенски филмови, а во текот на својата кариера заиграла во вкупно 50 филмови од југословенска, словенска и српска продукција.

По распаѓањето на Југославија, изчезнала и Соња Савиќ. Кон почетокот на деведесеттите, таа гласно се противела на војната, а недолго потоа се преселила во Словенија со цел да продолжи со кариерата. Кон крајот на деведесеттите таа се вратила во Србија, но до смртта останала на самата маргина на тамошната актерска сцена. Наводно, режисерите одбивале да ја ангажираат во филмови поради нејзината зависност од дрога, а една од последните улоги ја одиграла во серијата "Ќе се вратат штрковите".

Во едно од последните интервјуа која Соња го дала, изјавила дека нејзиниот идеал е кратка и весела смрт бидејќи животот ја изгубил секоја смисла бидејќи не основала семејство и не ја продолжила својата лоза.

Таа е закопана во родното село на својот татко, а на нејзиниот погреб не се појавил ниту еден од нејзините колеги.

Коментари

Популарно