Трејлер: Пристигнуваат новите GoPro Hero 7 акциски камери

Компанијата GoPro го претстави новото семејство на акциски камери Hero 7, а првите впечатоци откриваат дека фокусот оваа година е ставен на едноставноста на употребата и обезбедувањето на што е можно подобри видео снимки.

Најмоќниот модел, Hero 7 Black поседува HyperSmooth технологија за стабилизација на видео која што ќе обезбеди стабилна слика дури и во најтешки услови на снимање. Покрај тоа, тука е и TimeWarp опцијата која што претставува некој вид на автоматизиран Hyperlapse начин на приказ – Timelapse снимање со движење на камерата. Треба да се истакне дека Hero 7 Black овозможува slowmotion снимање со 120 или 240 fps.

Секако, техничките карактеристики на оваа камера се импресивни. Обезбедуваат снимање во 4К резолуција во 60 fps, а GoPro одлучиле да стават и мод на вертикално снимање на видео за гледање на паметен телефон во портрет мод.

Видео ентузијастите негодуваат на оваа одлука на GoPro, но од компанијата очигледно се воделе по принципот „паметниот попушта“, затоа што се одлучиле за поедноставната варијанта – да им угодат на технолошки необразованите лица, наместо да се обидат и да ги едуцираат, односно да им укажат на апсурдноста на снимањето на видео записи во вертикален формат.

Како и да е, од GoPro исто така одлучија да воведат и можност за стриминг на видеа во реално време, поставување на тајмер за селфи и автоматско ограничување на должината на снимките од 15 до 30 секунди, со цел да го олеснат нивното поставување на социјалните мрежи. Тука се и опциите за препознавање на лице и автоматско додавање на соодветни ефекти, како и подобрена детекција на насмевки.

Цената на GoPro Hero 7 Black камерата ќе изнесува 430 евра, а доколку тоа е премногу за вас, на располагање ќе биде и Hero 7 Silver модел кој ќе биде без HyperSmooth технологија, како и без можност за снимање на видеа во 4К резолуција при 60 fps, односно ќе поддржува снимање во оваа резолуција само при 30 fps – оваа камера ќе се продава по цена од 330 евра.

Најевтина камера ќе биде Hero 7 White која што ќе ги поседува истите опции како и Silver верзијата, но наместо 4К ќе поддржува снимање на видеа во Full HD резолуција, односно 1920х1080 резолуција со 60 fps. Оваа камера ќе се продава по цена од 220 евра.

Продажбата на трите нови камери на GoPro започнува на 27-ми септември.

Коментари

Популарно