Колкава заработка има "Силбо" во Скопје од продажба на буреци, леб и пецива?

Најпознатиот и најбрзорастечки скопски бренд за бурек, пецива и леб "Силбо" е во сопственост на две фирми кои ги имаат двајца браќа од Стајковци: Силјан и Боби Милеви. Минатата година, под ова име, двете фирми имале вкупни приходи кои надминуваат 3,3 милиони евра.

Само минатата година, "Силбо" преку своите две фирми свртел вкупно 3,35 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од базата на Централниот регистар. 

Скопскиот бренд кој секојдневно услужува и рани илјадници Скопјани всушност е сопственост на две фирми, односно во сопственост на двајца браќа од скопско Стајковци. Асоцијацијата на брендот "Силбо" всушност се првите слогови од имињата на браќата Силјан и Бoби Милеви.

Секој од двајцата браќа поседува по една фирма. Силјан е сопственик и управител на "Жито Скопје Силбо ДООЕЛ" која е формирана на 2-ри октомври 2008 година и е постара од двете фирми. Основачкиот влог изнесувал 320 илјади денари, а на крајот на 2017 година оваа компанија има главнина и резерви во вредност од 926 илјади евра.

Во споредба со 2016, нивната вредност минатата година пораснала за повеќе од 120 илјади евра. Оваа фирма лани вработила 80 лица, а нејзиниот вкупен приход е 2,26 милиони евра и во споредба со истиот во 2016 година е помал за околу 300 илјади евра. Компанијата на Силјан лани имала добивка од 132.700 евра, а во 2016 година нејзината добивка изнесувала 329.300 евра. Оваа фирма има две подружници од кои едната е познатата пекара во Дебар Маало со назив "Фурна Силбо", а втората е со исто име и со додавка "ТЦ Бисер" во скопската општина Аеродром.

Помладиот брат на компанијата - "Жито Клас СИЛБО" е основана на 25-ти март 2009 година и е во целосна сопственост на другиот брат Боби Милев. Нејзината дејност е посредување со трговија со храна, пијалоци и тутун. Таа има една подружница која се вика "Пекара Жито Клас Силбо" и е со седиште во Горно Лисиче, а приоритетна дејност и е трговија со леб и печива. И оваа фирма е основана со влог од 320 илјади денари, а на крај на 2017 година, вредноста на нејзината главнина и резерви изнесува 191 илјади евра и е приближно иста со вредноста на нејзините резерви една година порано.

Минатата година, компанијата вработила 60 лица, а нивниот број во однос на 2016 година е зголемен за 46 луѓе. Вкупните приходи на "Жито Клас Силбо" лани се 1,088 милиони евра и во споредба со 2016 година тие растат за безмалку 30 отсто. Со исто темпо растеле и расходите и така фирмата минатата година завршила со добивка од 2.400 евра.

Коментари

Популарно