ФОТО: Доделувањето на модните награди во Милано изобилувало со одлично облечени супермодели

Сите важни личности во светот на модата ја поминале својата недела во Милано. Токму во италијанската модна престолнина се одржа модната недела која заврши со доделување на модните награди "Green Carpet Fashion Awards".

Како што открива и самиот назив, ѕвездите вчеравечер прошетале по зелен тепих наместо по црвен, а модата секако била беспрекорна. 

Помеѓу супермоделите кои го преплавиле настанот се истакнале Синди Крафорд, Алесандра Амбросио и Емили Ратајковски, секоја со свој уникатен стил.

52-годишната Синди ја покажала својата одлична манекенска фигура во смарагдно зелен корсет со црни светкави каменчиња и свилено здолниште на преклоп во истата нијанса, со предизвикувачки висок прорез. Креацијата ја потпишува модната куќа Версаче.

Алесандра Амбросио докажала дека точките можат да бидат гламурозни со фустанот со раскошни карнери, длабоко деколте и црн сатенски ремен кој го истакнувал нејзиниот струк.

Емили Ратајковски ги покажала извајаните стомачни мускули и витките нозе во жолта креација на Роберто Кавали со необично сако и краток шорц-здолниште.

Помеѓу присутните се истакнувала и ангелот на Викторија - Сара Сампајо која изгледала како принцеза во нежнорозов балски фустан на дизајнерката Алберта Ферети.

Нејзината колешка Стела Максвел наместо фустан одбрала гламурозен бел комбинезон со светкави кристали со кој ги воодушевила модните критичари. 

Помеѓу супермоделите, со својот аутфит успеала да се истакне и една актерка.

Оскаровката Кејт Бланшет пристигнала на настанот во бело издание со црвени салонки, а кога се свртела, таа го покажала големото апстрактно срце на задниот дел од својата наметка која е со потпис на дизајнерката Стела Мекартни.

Коментари

Популарно