Референдумот падна, договорот е мртов: Што сега?

Неколку дена пред референдумот ветив дека ќе напишам текст на 1ви Октомври, но решив да почакам да се смират емоциите. Искрено, иако задоволен од исходот, не западнав во еуфорија, затоа што ова е само почеток на патот на градење на функционална држава. Пат на кој не чекаат многу препреки и слепи улички, ако само малку го изгубиме фокусот.

Најпрво, референдумот падна, а со него и договорот со Грција. Јасно ми е дека сите вие кои што гласавте ЗА сте разочарани, но реалноста е таа. Муабетите на Димитров и Заев, ми се како на деца од предшколска возраст. Ама „видливо“ мнозинство, ама 600.000, ама ги броиме само тие што гласале, ама претседателот нема толку гласови, а има мандат, ама.... Глупости дечки и знаете дека е така. Ок, Заев може не знае, али Димитров знае! Нема видливо, џабе се 600.000 и не се бројат само излезените. Си пишува се јасно во законот. Да претседателот е одбран со многу помалку гласови, но таков е уставот. Сосема друго е што за претседателот постои мандат во траење од 5 години, па затоа и цензусот (само во првиот изборен круг) е 40% а не 50%. Договорот со Грција нема време на траење и секоја споредба со референдумот е смешна. Но, еве и покрај тоа, ајде да споредиме. Колкав цензус би барале ако на следните претседателски избори народот гласа за доживотен претседател, т.е. крал? Дали би биле доволни 37%? Не постои идеален модел на референдумско изјаснување, сите имаат маани, но да се оди против устав на јасни резултати е кривично дело. Али, ок, вие си знаете.

Јасната ситуација е дека ни следуваат предвремени парламентарни избори и тоа што побрзо. На владата и се брза, за да може да ги стигне роковите за договорот со Грција, кој е мртов. По референдумот, Собранието нема право да решава по истото прашање. Граѓаните се изјаснија, па за да се промени таа одлука, за истиот договор, ќе треба да се почекаат 2 години за нов референдум. Ок, Заев и другарчињата покажаа дека немаат проблем да газат устав, но дури и така шансите се минимални. Првата е на изборите, заедно со коалиционите пертнери (пред и пост изборни) да соберат 80 пратеници. Ова е речиси невозможно. ВМРО ДПМНЕ победи и на последните парламентарни избори, а коалицијата за Европска (читај Северна) Македонија претрпе дебакал на референдумот. Јасно е дека едно е бојкотирање, сосема друго гласање на избори. Јасно е е дека и ВМРО ДПМНЕ е во ужасна кондиција во моментов, но сега на политичкиот фронт во Македонија се појавија и нови играчи. За сега мали партии, кои јавно повикаа на Бојкот и сега отворено слават победа. Не дека очекувам да победат на изборите, но и повеќе од јасно е дека ќе освојат пратеници во Собранието. Пратеници кои нема да гласаат за уставни промени. Втората шанса за живот на договорот со Грција е смена на раководството во ВМРО ДПМНЕ и доаѓање на чело на лик кој ќе ги подржи уставните промени и договорот од Преспа. За ова шансите се уште помали. Колку и да е распадната партијата на Мицкоски и колку и да е тој (не тврдам дека е) само марионета во рацете на Груевски, за вакво сценаријо нема време! Токму на таа карта во мооментов игра Мицкоски. На само еден ден по референдумот во гостување на телевизија, јасно покажа дека на ВМРО ДПМНЕ не му е до избори и кажа дека неговата партија со сите сили ќе гледа да ги успори. Затоа најава за избор на нов Јавен обвинител и формирање на анкетна комисија во собранието на Р.Македонија за референдумските резултати и можни измами. Барање, што нема да бидат исполнети (особено првото), а со кои ДПМНЕ ќе се правда пред народот зошто не сака избори, но и за слабиот резултат на истите.

И покрај сето ова, избори ќе има. Реално, само таа опција е нормална во моментов. Падна договорот на кој владата го потроши цел свој капацитет во нејзиното владеење (да, толку и е капацитетот), па ќе мора да провери како сега стои кај народот. Сепак, изборите многу тешко дека ќе подобрат ситуацијата. Проценките во моментов се дека ниту СДСМ, ниту ВМРО можат да извојуваат убедлива победа, па токму затоа албанските партии веќе коваат нова платформа. Знаејќи дека резулатите ќе бидат слични на оние од 2016 година, а тие главниот џокер за составување на влада, повторно ќе се обидат протуркаат националистичка агенда за албанскиот гласач. Не дека со тоа ќе го подобрат животот на Албанците во Македонија, но ќе ќарат поитички поени кај својот електорат. Всуѓност, национализмот никогаш не донел ништо подобро за никого.

Веројатно единствената светла опција се новите партии. Можеби во Македонија дојде моментот кога заврши монополот на СДСМ и ДПМНЕ. Можеби е време да заминат во историјата, а државата да ја поведат нови политичари. Шансите ова да се случи на следниве избори се речиси 0, но бројот на пратеници кој ќе го добијат младите партии може да биде пресуден за иднината и правецот на Македонија. Колку повеќе за нив, толку помалку за СДСМ и ДПМНЕ. Помалку пратеници, помалку моќ, помалку шанси за газење на устав и закони, помалку локални шерифи и криминалци! Во такава ситуација, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе бидат принудени на национален конзензус за националните прашања, секако заедно со новите парламентарни партии. Без надворешен фактор и присила, тука консензус за нацинална програма за национални прашања пред гласачкото тело, односно народот. Двопартискиот систем е најлесен за контрола од надвор, посебно кога на чело на двете партии имате ликови ко нашиве во послениве 27 години. Затоа, што и да се случува до избори, се надевам дека конечно ќе избегаме од биполарноста што ни ја уништи државата и се закани дека ќе ни го одземе идентитетот. Се надевам, дури и се молам, дека конечно созреавме како народ и ги надраснавме Бране и Љубчо, Заев и Грујо, Мицкоски и Зоран.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно